Тајните на најдобрите просветни работници: Маја Митевска-Поцева, одделенска наставничка од Пробиштип
- Драги наши читатели, во чест на просветните работници, во оваа рубрика ви ги откриваме „тајните“ на некои од најдобрите наставници во Македонија.Во првиот циклус, до крајот на оваа учебна година, ќе ви претставиме десетмина наставници од различни места во нашата татковина, кои со својатапосветеност, знаење, методи и инвентивни решенија го претвораат наставниот час во магија. Целта на рубриката е да ги афирмираме најуспешните и најинвентивни едукатори, кои со својата посветеност и креативност ја прават наставата поинтересна, подинамична и поблиска до учениците. Преку нивните примери сакаме да споделиме конкретни идеи и методи што може да се применат во секоја училница
Маја Митевска-Поцева е одделенска наставничка и наставничка менторка во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип, со богато професионално искуство и значаен придонес во развојот на современото образование. Како наставничка менторка активно работи со наставници приправници, обезбедувајќи им стручна поддршка, насоки и практични совети за полесно и посигурно вклучување во воспитно-образовниот процес. Преку менторството, таа придонесува за развој на нивните наставни компетенции, самодоверба и квалитетна наставна практика.
Во својата кариера има работено две години на проект на УНИЦЕФ за едукација на мајки од руралните средини, со што дала значаен придонес во издигнување на свеста за образованието и раниот детски развој. Таа била координаторка и обучувачка во повеќе значајни проекти, меѓу кои: развој на јазичната писменост во основните одделенија, меѓуетничка интеграција во образованието, медиумска писменост, како и координаторка за спроведување на меѓународната студија TИМСС (TIMSS). Исто така, таа има искуство како тренерка за искуственото учење во областа на животната средина и климатските промени, како координаторка на медиумски клуб и како уредничка на училиштен весник.
Посветеноста и професионалноста се препознаени со голем број признанија. Во учебната 2018/2019 година, од Општина Пробиштип е избрана за најдобар наставник на годината од своето училиште, во 2020 година се стекнува со звањето наставничка менторка, додека во 2025 година беше прогласена за „Просветен работник за учебната 2024/2025 година во Република Македонија“, како и за „Најдобар наставник во регионот“.
Авторка е на повеќе стручни и научни трудови објавени во домашни и меѓународни публикации од областа на образованието. Активно учествува на голем број семинари, конгреси, симпозиуми и конференции, постојано вложувајќи во својот професионален развој и во следење на современите образовни трендови.
Мисловен процес, движење и практична активност
Со својата работа, ентузијазам и посветеност, таа претставува пример за современ наставник, кој не само што пренесува знаење туку и инспирира, поддржува и гради нови генерации ученици и наставници.
– Во мојата наставна пракса често го применувам методот учење преку игра и движење, дополнет со принципите на искуственото учење и примена на дигитални игри, која се покажува како особено ефективна за поттикнување на активноста, мотивацијата и трајното усвојување на знаењата кај учениците – вели наставничката Митевска-Поцева.
Овој пристап се базира на интеграција на наставните содржини со физичка активност, игровни елементи, директно искуство и современи дигитални алатки, при што учениците не се само пасивни слушатели туку активни учесници во процесот на учење.
– Искуственото учење честопати е присутно на моите часови, бидејќи учениците најдобро учат преку сопствено доживување, истражување и практична примена. Наместо само да слушаат или да читаат, тие решаваат проблеми, експериментираат, дискутираат и извлекуваат заклучоци врз основа на сопственото искуство. На овој начин знаењата стануваат подлабоки, поразбирливи и подолготрајни – објаснува наставничката.
Исто така, таа ни откри дека го применува овој метод при обработка на нови наставни содржини, но исто така и на часовите за повторување на наставниот материјал.
– Учениците се делат во групи и добиваат конкретни задачи што се поставени на различни точки во училницата или во надворешниот простор. На пример, кај математички содржини поставувам картички со задачи на одредено растојание, а учениците по ред трчаат, решаваат задача и ја сместуваат во соодветна кутија или ја запишуваат на табла. На овој начин се комбинираат мисловниот процес, движењето и практичната активност – објаснува Митевска Поцева.
Особено значаен сегмент во нејзината работа е примената на дигитални игри и креирање игри со помош на вештачка интелигенција. Учениците не се само корисници на дигитални содржини туку активно учествуваат во нивно создавање.
– Со користење современи алатки, тие креираат едноставни едукативни игри поврзани со наставните содржини, при што ги развиваат критичкото размислување, креативноста и дигиталната писменост. Овој пристап претставува практична примена на методологијата ШИЛД (SHIELD) во учењето, каде што учениците преку истражување, соработка, анализа и дизајнирање сопствени решенија доаѓаат до знаење – ни појасни наставничката Маја.
Училницата треба да биде инспиративен простор
Според неа, преку ваквите активности се поттикнуваат тимската работа, соработката и комуникацијата меѓу учениците. Тие учат да се договараат, да си помагаат и да преземаат одговорност за заедничкиот успех. Наедно, се развива и нивната самодоверба, бидејќи секој ученик има можност активно да учествува и да придонесе.
Големо значење има и самиот изглед на училницата, кој е адаптиран според возраста на учениците и видот на активностите.
Училницата не е само обичен простор каде што се учи туку претставува волшебна и инспиративна средина во која децата со задоволство го поминуваат денот. Просторот е организиран така што овозможува движење, групна работа и креативно изразување, со различни катчиња за учење, игра, дигитална работа и за истражување. Ваквата средина дополнително ги поттикнува љубопитноста, креативноста и желбата за учење кај учениците.
– Предност на овој метод е што ги ангажира сите ученици, вклучувајќи ги и оние што потешко се концентрираат при традиционалната настава. Движењето, играта, искуственото учење и дигиталните активности ја намалуваат монотонијата и го зголемуваат интересот за учење. Учениците покажуваат поголема мотивираност и постигнуваат подобри резултати, а стекнатите знаења се подолготрајни и применливи во секојдневниот живот – истакнува наставничката.
– Секако, примената на овој метод бара добра организација, јасни упатства и приспособување на задачите според возраста и можностите на учениците. Наставникот има улога на организатор, насочувач и поддржувач на процесот на учење, кој внимателно го следи напредокот на учениците – подвлекува наставничката Маја Митевска-Поцева.
Ф.Д.


































