Фото: Пиксабеј

Околу две третини од граѓаните на Соединетите Американски Држави сметаат дека земјата се движи во погрешна насока, покажува најновата анкета спроведена од „Еј-би-си њуз“, Вашингтон пост и Ипсос.

Рејтингот на одобрување на претседателот Доналд Трамп се намалил на 37 проценти, што е најниско ниво во неговиот мандат, додека 62 проценти од испитаниците изразиле незадоволство — највисоко ниво во двата негови претседателски мандати.

Иако 85 проценти од републиканците го поддржуваат Трамп, бројот на оние што „силно го поддржуваат“ е намален на 45 проценти.

Анкетата покажува дека 76 проценти од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп се справува со трошоците за живот, додека само 23 проценти имаат позитивен став. Исто така, 65 проценти се незадоволни од неговото управување со економијата.

Слично незадоволство е забележано и во однос на надворешната политика — 66 проценти не го одобруваат неговиот пристап кон Иран, а 65 проценти кон односите со сојузниците.

Повеќето испитаници сметаат и дека употребата на воена сила од страна на САД против Иран била погрешна одлука.

Кога станува збор за даночната политика, околу 60 проценти од анкетираните изразиле незадоволство, додека под 40 проценти ја поддржуваат. Во однос на имиграцијата, 59 проценти не ги одобруваат политиките на Трамп, а 40 проценти ги поддржуваат.

Анкетата покажува и дека во овој период демократите се помотивирани за претстојните избори. Меѓу регистрираните гласачи, 49 проценти изјавиле дека би гласале за демократски кандидат на среднорочните избори за Конгресот, додека 44 проценти би поддржале републиканец.