Вандалски чин во ООУ „Ванчо Прќе“ во Штип денеска ја прекина наставата за над 1.100 ученици, потврди директорот Кокан Радев.
Според првичните информации, едно лице влегло во училиштето околу полноќ и предизвикало голема материјална штета. Уништени се смарт табли, училишни табли, компјутери и дел од инвентарот, а ѕидовите и клупите се испишани со спреј.
– Лицето влегло од страната на фискултурната сала и се задржало одреден период, по што се упатило кон училниците. Штетата е направена во најголем дел од кабинетите за предметна настава – изјави Радев.
Според него, вандалот оштетил простории на првиот, вториот и третиот кат, каде што се одвива наставата за учениците од петто до деветто одделение. Приземјето, освен делот каде што е извршено обивање, не е значително оштетено.
Безбедносните камери го регистрирале настанот, а една од нив била испрскана со спреј, при што и покрај тоа успеала да сними дел од инцидентот.
Во училиштето од раните утрински часови се врши увид од страна на истражните органи, а проценката на штетата сè уште е во тек.
Директорот изрази надеж дека во рок од неколку дена ќе бидат оспособени кабинетите и наставата ќе продолжи од почетокот на следната недела, за што родителите и учениците дополнително ќе бидат информирани.
Ова е прв ваков инцидент во најголемото училиште во централното градско подрачје на Штип.

































