Фото: Илустрација/ Пиксабеј

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) најавија дека ќе се повлечат од ОПЕК и алијансата ОПЕК+, со важност од 1 мај 2026 година, објави државната новинска агенција ВАМ.

Во соопштението се наведува дека одлуката е резултат на сеопфатна анализа на производствената политика на земјата, нејзините капацитети и националните интереси, како и дел од долгорочната стратешка и економска визија на ОАЕ.

– Оваа одлука ја одразува еволуцијата на енергетскиот профил на земјата и засилените инвестиции во домашното производство на енергија – се наведува во соопштението.

Од ОАЕ истакнуваат дека и покрај краткорочните турбуленции на пазарот, вклучително и нарушувањата во Персискиот Залив и Ормускиот Теснец, глобалната побарувачка за енергија ќе продолжи да расте на среден и долг рок.

Земјата најавува дека по излегувањето од ОПЕК ќе продолжи да дејствува како „одговорен и сигурен енергетски партнер“, при што производството ќе го зголемува постепено и во согласност со пазарните услови.

ОАЕ се членка на ОПЕК од 1967 година, кога ѝ се приклучи преку емиратот Абу Даби, а членството продолжи и по формирањето на федерацијата во 1971 година. Во изминатите децении, земјата имаше значајна улога во стабилизирањето на глобалниот нафтен пазар.

И покрај повлекувањето, од ОАЕ нагласуваат дека ќе продолжат соработка со производителите и потрошувачите на енергија и ќе инвестираат во целиот енергетски сектор, вклучително и нафта, гас, обновливи извори и нискојаглеродни технологии.

– Остануваме посветени на стабилноста на глобалниот енергетски пазар, но со поголема флексибилност за одговор на новите предизвици – наведуваат од ОАЕ.