Фото: ЕПА

Цените на нафтата продолжуваат да растат и покрај сигналите за можна деескалација меѓу Иран и САД, откако Техеран предложи прекин на блокадата на Ормуската Теснина во замена за одложување на нуклеарните разговори, пренесе „Алџезеира“.

Глобалната референтна цена, Брент, порасна за околу три проценти и достигна 111,49 долари за барел, што е раст од 13 проценти во однос на минатата недела. Ова е и значаен скок откако цената последен пат падна под 100 долари.

И покрај иранскиот предлог, пазарите остануваат под притисок поради стравувањата дека блокадата на клучниот енергетски коридор ќе продолжи да ги нарушува глобалните испораки на нафта и гас.

Тензиите дополнително се зголемија поради заканите кон трговските бродови, што доведе до драстично намалување на сообраќајот низ теснината. Според податоците од „Виндвард“ (Windward), само осум бродови поминале во неделата, наспроти 19 претходниот ден.

За споредба, пред ескалацијата на конфликтот, дневно низ теснината поминувале околу 129 бродови, според УНКТАД.

Блокадата и нападите врз енергетската инфраструктура веќе имаат сериозно влијание врз глобалното снабдување. Според „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs), производството на нафта е намалено за околу 14,5 милиони барели дневно.

Иако постои можност за дипломатско решение, експертите предупредуваат дека дури и во случај на договор, ќе бидат потребни месеци за нормализирање на испораките, поради оштетената инфраструктура, прекинатите синџири на снабдување и потребата од расчистување на мините во теснината.