Фото: МИА

Македонија работи на десет критични точки во рамки на реформската агенда, меѓу кои и реформите на Изборен законик, изјави министерот за европски прашања Беким Сали.

Тој посочи дека измените на Изборниот законик бараат поширок политички консензус и не можат да се донесат набрзина, иако се поврзани со финансиска поддршка од околу осум милиони евра по чекор.

 – Не можеме реформите да ги правиме само заради финансискиот мотив. Поважно е системот да функционира и да обезбедиме стабилни изборни процеси во иднина – истакна Сали.

Министерот информира дека извештајот на Европска комисија за 2025 година сѐ уште не е пристигнат, но се очекува во текот на неделата. Според него, досегашните информации укажуваат дека меѓу 16 и 21 точка се веќе прифатени, што е позитивен сигнал.

Сали нагласи дека десетината критични точки се во т.н. „грејс-период“ до јуни и дека институциите паралелно работат и на нив и на останатите редовни обврски.

 – Околу шест од овие точки се при крај и очекуваме да бидат реализирани до крајот на април, по што ќе следи период за адаптација и евентуални измени – рече тој.

Евроамбасадорот Михаил Рокас потврди дека рокот за исполнување на преостанатите чекори е јуни и предупреди дека доколку тие не се реализираат, средствата може да се изгубат.

 – Ова е стандарден механизам што важи за сите земји кандидати. Во тек е интензивна работа, но за исходот ќе се знае кон крајот на јуни – изјави Рокас.

Тој додаде дека постои видлив напредок и координација со институциите, но дека е рано за конечни оценки.