ШАХ – ТИМСКО СП 2026 ЗА ВЕТЕРАНИ

  • На три кола пред крајот на СП 2026, Алкалоид е на петтото место со девет бода, два помалку од првата селекција на САД

Македонскиот повеќекратен шаховски шампион Алкалоид, по четирите победи и еден пораз, го забележа и првиот нерешен резултат (2-2), на дуелот со селекцијата на Италија во седмото коло на тимското Светско првенство (СП) за ветерани над 50 години во Драч (Албанија). На три кола до крајот на СП 2026, скопјани, кои пред почетокот на турнирот беа рангирани шести, сега се на петтата позиција со девет бода (15,5 поени по табли), колку што имаат и селекциите на Казахстан и Англија, но според дополнителниот критериум Алкалоид моментно е петти. Во водство е првата селекција на САД со 11 бода (17,5 по табли), пред Италија со 10 бода (16).
На средбата со Италија (рангирана четврта пред турнирот) сите четири партии завршија со реми. На првата табла велемајсторот (ВМ) Трајко Недев (рејтинг 2.469) со црни фигури го подели поенот со ВМ Алберто Давид (2.460), на втората ВМ Звонко Станојоски (2.362) со ВМ Микеле Годена (2.444), на третата ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2.359) со интернационалниот мајстор (ИМ) Фабрицио Белиа (2.379) и на четвртата табла ВМ Роландо Кутиров (2.256) со ИМ Карло Д`Аморе (2.355).
Во следното седмо коло, играно вчера, Алкалоид за ривал ја имаше селекцијата на Унгарија, рангирана седма пред СП 2026, кое се игра во девет кола, а настапуваат 36 тима од 23 држави, со вкупно 171 шахист. Г.И.