ЏУДО – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ЗА МЛАДИ СЕНИОРИ
- Тренираме напорно и ги следиме зацртаниот план и програма, а овој успех е само потврда на вложениот труд, вели тренерот на Миоки, Игор Паскоски
Џудистите на Миоки од Скопје, предводени од нивниот тренер Игор Паскоски, доминираа на првенството на Македонија за млади сениори и сениорки (до 23 години), кое се одржа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, освојувајќи вкупно 12 медали, од кои шест златни и по три сребрени и бронзени. Највпечатлив беше настапот на сениорките, кои од вкупно шест тежински категории на првенството, во кои се одвиваа финални борби, освоија пет златни медали. Првенството го прогласи за отворено претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски.
– Ова е ден за гордост. Џудистите на Миоки беа апсолутно надмоќни на Државното првенство за млади сениори, а особено импозантен резултат имавме кај нашите џудистки, кои освоија дури пет први места. Највпечатлив настап имаа Петар Давчев кај сениорите и нашата најуспешната репрезентативка Ива Богдановска кај сениорките. Тренираме напорно и ги следиме зацртаниот план и програма, а овој успех е само потврда на вложениот труд – ни изјави Паскоски.
Шампиони на Македонија станаа членовите на Миоки, Петар Давчев (тежинска категорија до 73 кг), Хамида Друштинац (до 48 кг), Ханија Друштинац (до 57 кг), Азра Заими (до 63 кг), Ива Богдановска (до 78 кг) и Борјана Поп-Атанасова (над 78 кг), сребрени медали освоија Георгина Блажеска (до 52 кг), Марко Панчевски (до 66 кг) и Марио Стојчевски (до 100 кг), а бронзени Филип Богески (до 66 кг), Дарјан Стефаноски (до 81 кг) и Стефан Боев (до 90 кг.). Г.И.

































