ОДБОЈКА

Историска шампионска титула за одбојкарите на Штип УГД, кои со 3-0 во сетови (25-18, 25-18, 25-16) го совладаа Борец од Велес и во третиот натпревар од финалето на плејофот во Првата лига (мажи) со 3-0 победија во финалната серија и стигнаа до епитетот првак на Македонија, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната кај прволигашите победи и во првите два натпревара, прво во Штип, а потоа и во Велес, со по 3-0 во сетови. Клубот пред помалку од еден месец го крена пехарот во Купот на Македонија, а сега ги обедини двете круни и со тоа ја потврди доминацијата во машка конкуренција сезонава.
Во последниот трет натпревар од плејоф-серијата за сезонава, штипјани имаа контрола над резултатот и играта на теренот. Михајло Мирасчиев со 12 поени беше најефикасен кај Штип УГД во третиот натпревар, информира ОФМ. Г.И.