Фото: Ден на пијаното - Скопје

Свечен и ревијален концерт по повод 10-годишниот јубилеј на „Денот на пијаното – Скопје“, посветен на македонското музичко творештво, се одржа вчера, на 22 април, во КИЦ – Скопје, Салон 19:19.

Во внимателно осмислена и современо концепирана програма, на сцената настапија ученици од основните и средни музички училишта ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Скопје; ДМУ, Битола; ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, Штип и ОМУ „Методи Патче“, Охрид.

Концертот понуди богат пресек на македонската пијанистичка литература, со дела од Властимир Николовски, Томислав Зографски, Благој Ивановски, Благој Цанев, Стојан Стојков, Кирил Тодоровски и Ристо Аврамовски, како и од современите автори Борис Светиев и Димитрие Бужаровски. Бројната публика имаше можност да проследи разновидна програма – од младински албуми и минијатури, до свити, фолклорно инспирирани композиции и современи аранжмани.


Манифестацијата помина во исклучително свечена и топла атмосфера, со јасна уметничка линија и ревијален карактер, кој овозможи природен тек и динамика на програмата. Посебна свежина донесоа кратките, симпатични видео-пораки од младите изведувачи, кои со искреност и непосредност ја доближија нивната љубов кон музиката до публиката.

Публиката и изведувачите ги поздрави проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја, сопруга на прерано починатиот композитор Гоце Коларовски, која, меѓу другото, ја истакна потреба од создавање на композиции за млади, правејќи паралела со светски познатите композитори, кои исто така твореле за млади. Во таа насока и ја пофали иницијативата учениците јавно да го искажат доживувањето на делото коешто го изведуваат.

Фото: Ден на пијаното – Скопје

Дел од програмата беа и музичките портрети на двајца од најистакнатите македонски композитори, Властимир Николовски и Гоце Коларовски. Музичкиот портрет на Властимир Николовски го претстави м-р Нора Бајрами, која беше и модератор на манифестацијата.

Фото: Ден на пијаното – Скопје

За неговиот ученик, Коларовски, говореше м-р Марија Поп Иванова. Таа на публиката и овозможи да слушне и дел од радио интервју со Коларовски, снимено пред 20 години, во е кое тој зборува за неговиот професор Властимир Николовски.

Фото: Ден на пијаното – Скопје

-Зарем не е прекрасно кога повторно ќе го слушнете гласот на вашиот професор – рече Поп Иванова.

Организаторката на манифестацијата, м-р Светлана Димитриевска, која е и раководител на Одделот по пијано во „Илија Николовски – Луј“, во обраќањето до публиката и учесниците, ги истакна високите професионални и хумани вредности на композиторите и професорите, истакнувајќи го како поука делот од интервјуто со Коларовски во кој тој за неговиот професор вели дека освен учител, му бил и духовен татко.

Фото: Ден на пијаното – Скопје

Директорката на одборот на Фондацијата „Томислав Зографски“, Панда Зографска Беличанец, им додели дипломи на младите пијанисти кои изведоа дела од овој истакнат македонски композитор.

Настанот уште еднаш ја потврди важноста на негувањето и афирмацијата на македонската музика, како и континуитетот што се гради преку младите генерации пијанисти.

Фото: Ден на пијаното – Скопје