Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претставници на Македонците во Албанија алармираат дека се спроведува систематска кампања во организација на Софија за негирање
и асимилирање на македонското малцинство во Албанија

Според официјалната информација на органите за внатрешни работи на Општина Дибер (Албанија), деновиве успешно е финализирана полициската операција со кодно име „Идентитет“. Акцијата траела подолго време, при што биле активирани специјални истражни методи. При финализирањето на акцијата, лишено е од слобода „49-годишно машко лице од Бугарија во обид да ја премине границата со повеќе десетици фалсификувани документи за граѓани од Албанија, со цел да им обезбеди бугарски пасоши“. Во информацијата исто така се вели и дека „специјалистите за истраги за економски и финансиски криминал при Управата за локална полиција во Дибер (Албанија), врз основа на добиените информации дека некои граѓани фалсификувале документи со цел да им обезбедат на разни лица уверенија како да се жители на административната единица Острени, а потоа да ги испраќаат овие документи во Бугарија, со цел да им обезбедат бугарски пасоши, започнале интензивни истраги, проследени со специјални истражни методи, околу еден месец, за справување со оваа група“.

Систематска и добро организирана политика на Софија за создавање „бугарско малцинство“ на вештачки начин, со бугарски пасоши за Македонците од Албанија

Според информациите од теренот, бугарските пасоши биле наменети за лица со македонска етничка припадност, граѓани на Албанија. Со години македонските претставници во Република Албанија постојано предупредуваат дека се спроведува систематска и добро организирана политика за создавање „бугарско малцинство“ на вештачки начин. Оваа стратегија не е спонтан процес, туку внимателно осмислен проект, поддржан од државни институции во Софија и од приватни бугарски фондации и друштва, кои со различни методи – од финансиски поттикнувања до административни манипулации – се обидуваат да конструираат паралелна етничка реалност. Таа реалност, сепак, не кореспондира со историските факти, културните традиции и јазичните особености на регионот Голо Брдо, ниту пак со сите други области во Албанија каде што со векови живеат Македонците. Во суштина, станува збор за политика на идентитетски инженеринг, која има цел да ја изобличи вистината и да ја претвори во инструмент за геополитички интереси. Наместо да се почитува автентичната културна и јазична матрица на македонската заедница, се создава фиктивна „бугарска заедница“, која треба да послужи како аргумент во меѓународните институции. Оваа практика е спротивна не само на историската меморија на регионот туку и на европските стандарди за заштита на малцинствата, кои бараат признавање и почитување на реалните етнички и културни идентитети, а не нивно административно прекројување.

Фалсификуваните документи и политиката на идентитетски инженеринг

Полициската акција „Идентитет“ во Албанија ја разоткри суштината на овие политики и ја осветли нивната вистинска природа. Она што на прв поглед изгледа како криминален случај на фалсификување документи, всушност е дел од поширока стратегија за идентитетско инженерство. Меѓу уапсените се и сегашниот и поранешниот администратор на административната единица Острени – кои, злоупотребувајќи ја својата службена положба, фалсификувале документи. Целта била јасна и недвосмислена, а тоа е да се создадат сертификати за фиктивно жителство, кои потоа се испраќале во Бугарија за да се обезбедат бугарски пасоши.
Овој механизам не е само административна злоупотреба туку и доказ за постоење организирана мрежа што ја користи институционалната инфраструктура за да конструира паралелна етничка реалност. Во возилото на еден бугарски државјанин беа пронајдени 21 фалсификуван документ – материјален доказ за систематски обид да се создаде „бугарско присуство“ таму каде што историски и културно постои македонска заедница. Случајот „Идентитет“ симболично ја разоткрива суштината на политиките на Софија. Имено, идентитетот да се видоизмени како административна категорија (патна исправа) што може да се прекројува со печат и потпис, а не како историска и културна реалност што се пренесува низ генерации. Наместо да се почитува автентичниот идентитет на македонската заедница во Албанија, се создава фиктивна „бугарска заедница“, која треба да послужи како аргумент во меѓународните институции.
– Фалсификувањето документи за таков статус не е само кривично дело туку директно нарушување на принципите на меѓународното право за заштита на идентитетот и правата на малцинствата. Европската Унија има јасни стандарди – идентитетот не може да се конструира административно, туку мора да се заснова на историски и културни факти – вели професор по меѓународно право од Универзитетот во Тирана во изјава за „Нова Македонија“.

Европска реторика, балканска практика

Оваа практика не е изолиран случај и не треба да се третира дека е само од доменот на „општ криминалитет“, туку многу подлабоко, како организиран криминал со карактеристики на загрозување на државноста и на македонската нација како интегрална заедница, која ја има и во соседните држави на матицата Македонија. Имено, овој случај е само дел од поширока и долгорочна политика на систематско негирање на македонското постоење и присвојување на македонското духовно, културно и историско наследство. Таа претставува обид да се избрише историската вистина и да се наметне нова вештачки конструирана етничка слика, која не произлегува од реалноста на теренот, туку од политичките амбиции на Софија. Наместо да се признае автентичната историска и етнолингвистичка реалност на македонското малцинство во Албанија – заедница со длабоки корени, јазична особеност и културна традиција – се создава паралелна „бугарска заедница“, која служи како инструмент за политички и европски маневри.
Ваквата стратегија е повеќе од административна манипулација: таа е дел од поширок проект за идентитетски инженеринг, кој има цел да ја изобличи меморијата на цели региони и да ја претвори во средство за геополитичка легитимација. Така, Бугарија се обидува да ја засили својата позиција во меѓународните институции преку фабрикувани бројки и документи, претставувајќи фиктивна демографска реалност како аргумент за своите национални интереси.

Уште еден софиски рецепт од хегемонистичката кујна што ја труе довербата меѓу соседите Македонија и Бугарија

Во суштина, станува збор за политика што ја поткопува довербата меѓу соседите и ја доведува во прашање европската кредибилност на Софија. Наместо да гради мостови на соработка и признавање, таа се служи со методи на негирање и присвојување – практики што се спротивни на европските стандарди за заштита на малцинствата и на принципите на меѓународното право. Идентитетот не може да се создава со печат и фалсификуван документ; тој е живо историско и културно наследство, кое не може да се избрише или да замени со административни конструкции.
– Иронијата е во тоа што Бугарија, како членка на Европската Унија, се претставува како носител на европски вредности, додека на терен практикува методи спротивни на тие вредности: фалсификување, злоупотреба на службена должност, манипулација со идентитети. Оваа двојност ја разголува суштинската противречност меѓу реториката и практиката, меѓу декларативната европеизација и балканската политика на асимилација – велат добро упатени лица за оваа проблематика.


Македонците во Албанија го разобличуваат пописниот инженеринг

  • Постојат сериозни индикации дека со посредство на Софија, преку злоупотреба на позицијата како ЕУ-членка и на своето влијание, и во соработка со одредени институции во Р Албанија биле инсталирани одбрани подобни попишувачи, а врз граѓаните биле вршени притисоци, закани и поткуп со цел да се изјаснат како Бугари, што претставува класичен пример на пописен инженеринг. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана останува цврсто посветено на заштитата на идентитетот на македонското малцинство во Албанија и на почитувањето на законите и европските вредности, велат од споменатото македонско друштво

Македонските претставници во Албанија со години алармираат за овие процеси, предупредувајќи дека македонското малцинство не може да се избрише со административни трикови, фалсификувани документи и пасоши што се создаваат во сенка на институционални злоупотреби. Идентитетот не е хартија со печат, туку живо историско и културно наследство пренесувано низ генерации, вкоренето во јазикот, традицијата и колективната меморија на заедницата. Тој е духовна и културна реалност што не може да се редуцира на административна фикција.
Полициската акција „Идентитет“ само го потврди она што македонската заедница одамна го знае и чувствува: дека се води систематска кампања за нејзино бришење и замена со вештачки конструирана „бугарска“ присутност. Оваа акција не е само полициска интервенција туку и симболичен чин што ја разоткрива вистината – дека зад фасадата на европска реторика се крие политика на манипулација со идентитети. Македонските претставници со право инсистираат дека идентитетот не може да биде предмет на фалсификување, ниту пак да се прекројува според геополитички интереси. Тој е дел од колективната историја и културна меморија, која не може да се избрише со административни конструкции. „Идентитет“ ја потврди суштинската дилема: дали Европа ќе дозволи ваквите практики да продолжат или ќе застане во одбрана на принципите на вистината, правото и малцинската заштита.
– Ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и сите надлежни органи да ја прошират истрагата и во другите општини каде што постојат сомнежи за слични незаконски активности, како и да се разбие целосната мрежа што стои зад овој организиран криминал поврзан со издавањето бугарски пасоши. Наедно, бараме надлежните институции да ја прошират истрагата не само за незаконското издавање лажни потврди за бугарско потекло туку и за влијанието што мрежата на посредници за бугарски пасоши го имала за време на пописот во 2023 година на целата територија на Албанија. Постојат сериозни индикации дека преку злоупотреба на позицијата и влијанието биле инсталирани свои попишувачи, а врз граѓаните биле вршени притисоци, закани и поткуп со цел да се изјаснат како Бугари, што претставува класичен пример на пописен инженеринг. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана останува цврсто посветено на заштитата на идентитетот на македонското малцинство во Албанија и на почитувањето на законите и европските вредности – се вели во соопштението на споменатото македонско друштво.