Фото: Официјален фејсбук профил/ Такер Карлсон

Поранешниот водител на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, јавно се извини за својата улога во поддршката на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува „Индипендент“.

Во подкастот што го водел со својот брат, Карлсон признал дека чувствува одговорност за актуелните случувања и дека неговата поддршка имала последици.

– Јас и ти и сите што го поддржувавме… на некој начин сме причината зошто ова се случува сега. Ова е момент да се соочиме со сопствената совест. Ќе ме прогонува долго време – изјавил Карлсон.

Тој упатил и директно извинување до јавноста.

– Сакам да кажам дека ми е жал што ги доведов луѓето во заблуда. Тоа не беше намерно – додал тој.

Како што наведува „Индипендент“, изјавите на Карлсон доаѓаат во период на сè поголеми несогласувања со Трамп, особено поради американската политика кон Иран и воените активности на Блискиот Исток, кои тој претходно остро ги критикуваше.

Во разговорот, Карлсон го довел во прашање и карактерот на Трамп, посочувајќи дека постоеле предупредувачки знаци уште во минатото, но дека тие биле игнорирани.

Според „Индипендент“, ова е најотворено дистанцирање на Карлсон од Трамп досега, по период во кој важеше за еден од неговите најгласни поддржувачи во американските медиуми.