Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје треба да постапи по заклучоците на Државен просветен инспекторат, кој при надзор утврдил неправилности при упис на студенти на магистерски и докторски студии. Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека факултетот веќе презема мерки по заклучоците на инспекторатот и дека се чека конечен извештај врз основа на кој ќе биде донесена одлука, пренесе МИА.
Таа појасни дека констатираните неправилности не се однесуваат на додипломски, туку на втор и трет циклус студии. По инспекцискиот надзор, факултетот бил известен да постапи во согласност со заклучоците.
Според министерката, институцијата веќе работи на спроведување на мерките, а по истекот на роковите ќе биде донесено конечно решение.
Во меѓувреме, денеска во Скопје ќе се одржи конференцијата „Дипломатија – мост помеѓу нациите“, во организација на Филозофскиот факултет и студенти од Меѓународни и интеркултурни студии.
Како што објави порталот МКД.мк, инспекторатот утврдил дека одреден број студенти биле запишани на магистерски и докторски студии без да ги исполнат законските услови за завршено додипломско образование. По интервенција, нивните студии биле прекинати.
Се работи за десетина студенти, кои сега бараат и враќање на уплатените средства за упис на повисоките циклуси на студии.

































