УЕФА
- Младинската лига на УЕФА одигра значајна улога во развојот на европскиот фудбал, со повеќе од илјада млади фудбалери што преку неа стигнале во сениорските клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија
Од своето основање во 2013 година, Младинската лига на Европската фудбалска унија (УЕФА) обезбеди важна платформа за најдобрите млади фудбалери низ Европа, нудејќи поконкурентни натпревари против врвни противници, им дава на играчите суштинско искуство од меѓународни натпревари и го намалува јазот помеѓу младинскиот и првиот тимски фудбал, пишува УЕФА. Сега го има своето 12-то издание. Младинската лига на УЕФА им обезбеди прво чувство на европска акција на некои од најталентираните играчи до 19 години на континентот, кои потоа продолжија да играат на највисоко ниво. Всушност, повеќе од илјада фудбалери дипломирале во Младинската лига за да се појават во сениорските клупски натпреварувања, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига.
Младинската лига на Европската фудбалска унија за сезоната 2025/2026 е пред возбудлива завршница. Во полуфиналето на фајналфор-турнирот во Лозана играа Бенфика – Клуб Бриж и Реал Мадрид – Пари сен Жермен. Финалето е денеска (од 18.45 часот), во кое ќе се сретнат Клуб Бриж и Реал Мадрид.
Давање платформа за развој на младите
Шансата да играат во поконкурентни натпревари против врвни противници е клучна за влијанието на Младинската лига, но турнирот прави разлика и на други начини, пишува Европската фудбалска унија. Фудбалерите добиваат можност да патуваат во странство со своите соиграчи, да тренираат и да играат на поголеми стадиони и да се натпреваруваат пред поголема публика. Многу од натпреварите се емитуваат на телевизија, а изложеноста на овој дополнителен притисок е од суштинско значење за нивниот трансфер во сениорскиот фудбал.
Меѓу неодамнешните поранешни членови на Младинската лига на УЕФА што потоа поминаа во сениорскиот европски фудбал е Томас Араухо, кој ја предводеше Бенфика до младинската европска титула во сезоната 2021/2022, а сега редовно игра за клубот во Лигата на шампионите.
– Имав неколку навистина добри искуства од натпреварувањето во Младинската лига. Играњето против најдобрите играчи во светот ви го дава искуството што ви е потребно за да се пробиете во сениорскиот тим. Играњето против најдобрите клубови и најдобрите играчи ве тера да растете многу побрзо, па кога играте во Лигата на шампионите се чувствувате подготвено, поради целото искуство што го имате – вели Араухо, пренесе УЕФА.
Лерој Сане од Галатасарај е уште еден фудбалер што од настап во младинското натпреварување се етаблира како клучен играч за клубовите и за репрезентацијата.
– За нас тоа беше огромно искуство. Играте против тимови со кои вообичаено не се соочувате на младинско ниво, а бидејќи нема многу турнири во странство, тоа е навистина добра споредба да се измерите со тимови од други земји. Беше нешто навистина посебно. Ми помогна многу, бидејќи се соочувате со различни стилови на игра во различни земји, што е секогаш нов и различен предизвик – рече Сане, кој во Младинската лига на УЕФА го претставуваше Шалке во сезоните 2013/2014 и 2014/2015.
Едукација на тренери и на фудбалери
Покрај нејзиното значајно влијание врз развојот на играчите, Младинската лига на УЕФА исто така обезбедува важно образование и за тренерите и за фудбалерите. За младите тренери што се развиваат заедно со своите фудбалери, Младинската лига е уникатен предизвик, пишува УЕФА. Соочувањето со нови противници со различни стилови е клучно за нивниот развој, а навигацијата низ групната фаза и нокаут-форматот е уште еден голем тест. Повеќе од 20 тренери дипломирале од Младинската лига за да управуваат во сениорско европско натпреварување. За фудбалерите, Младинската лига не е само за развој на нивната игра на теренот туку и за пошироко влијание. Секоја сезона УЕФА организира образовни иницијативи за клубовите од Младинската лига, а фудбалерите се охрабруваат да учествуваат во социјални програми, со грант од УЕФА од илјада евра што му се дава на секој клуб за да се олесни тоа.
– Како тренер, мора да ја прифатите идејата за производствена линија на млади играчи за да им дадете иднина, а исто така да му дадете темели на вашиот фудбалски клуб. Тоа производство на таленти доаѓа во првиот тим, што значи дека ако имате добра понуда и им давате соодветно образование за да бидат фудбалери и им го давате искуството да играат во Младинската лига, тогаш не треба секогаш да одите и да купувате. Имате база на лојалност, бидејќи децата секогаш ќе се сеќаваат на тренерот што им дал можност во првиот тим. Тие секогаш ќе се сеќаваат на своето прво патување во Европа. Сите овие се важни фактори во однос на тоа што претставува Младинската лига – вели сер Алекс Фергусон за придобивките од Младинската лига на УЕФА за тренерите, пренесе Европската фудбалска унија. Н.М.
Тројца фудбалери ја освоија двојната круна
Андреас Кристенсен, Мејсон Маунт и Витиња се тројцата фудбалери што победиле во финалињата на Младинската лига и на Лигата на шампионите, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Кристенсен и Маунт во 2021 година станаа првите играчи што ја освоија таа двојна круна, кога славеа со сениорскиот тим на Челси, по успесите со нивниот јуниорски тим во 2015 односно во 2016 година. Витиња, кој со Порто победи во Младинската лига во 2019 година, ја освои титулата во Лигата на шампионите шест години подоцна, со Пари сен Жермен. Н.М.
МЛАДИНСКА ЛИГА НА УЕФА, СЕЗОНА 2025/2026
ПОЛУФИНАЛЕ
Бенфика – Клуб Бриж 1-3
Реал М. – ПСЖ 1-1 (5-4 п.)
ФИНАЛЕ
Клуб Бриж – Реал М. 18.45 ч.
ДОСЕГАШНИ МЛАДИНСКИ ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ
КЛУБ ГОДИНА
Барселона 2014, 2018, 2025
Челси 2015, 2016
Бенфика 2022
Салцбург 2017
Порто 2019
Реал Мадрид 2020
АЗ 2023
Олимпијакос 2024
































