КОШАРКА – НБА-ЛИГА
Лука Дончиќ од Лос Анџелес лејкерс и Кејд Канингем од Детроит влегоа во конкуренција за освојување награди од кошаркарската НБА-лига на крајот на сезонава по нивните успешни жалби. За да бидат во конкуренција, традиционално играчите мора да настапат на најмалку 65 натпревари во регуларната сезона, но Дончиќ одигра 64, а Канингем 63, пишува „Би-би-си“.
Но тие поднесоа жалби против правилото поради „вонредни околности“. Канингем пропушти 12 меча поради колапс на белите дробови, а Дончиќ два меча поради раѓањето на неговата ќерка во Словенија. Двете причини беа наведени од НБА како дел од исклучоците. Одлуката значи дека тие сега се во конкуренција за награди, вклучувајќи ги и наградите за најкорисен кошаркар (МВП) и за избор во најдобрите тимови на сезоната, пишува „Би-би-си“.
Дончиќ постигна најмногу поени во лигата (2.143) за време на регуларната сезона, помагајќи му на клубот да стигне до плејофот, а неодамна беше именуван за играч што продал најмногу дресови низ Европа и Блискиот Исток. Канингем е втор во НБА-лигата според бројот на асистенции (634), а Детроит исто така се пласираа во плејофот и е на врвот на Источната конференција. Во меѓувреме, Ентони Едвардс од Минесота одигра 60 натпревари, но му беше одбиена жалбата за да му се даде можност за награда, пренесе „Би-би-си“. Г.И.
































