Горан Ѓоргоноски
Поминале повеќе од месец дена од мојата последна колумна, тука на „Читај Ракомет“ делот резервиран за мои думи околу најуспешниот спорт во државата Македонија.

Многу работи се случија, а ние (или јас!) не секогаш можеме да евидентираме во колумна, што следиме и размислуваме. Имам чувство, како пишаниот збор да го „губи здивот“, во однос на видео анализите или т.н поткасти, кои на Јутуб, како најнормална работа, во чекор со тоа што го овозможува технологијата, последната година-две, се намножија. Во секој сегмент. И ние ќе застанеме во редот, во посериозна форма. Наскоро.

Телефони, интернет, Инстаграм рилс, Тикток, тешко се создава фокус за читање повеќе од десет реда текст. Од друга страна, оние кои напишале барем еден (поголем) текст, знаат дека не е ист изразот, тука на тастатура и пред камера. А и стомакот (пред пишување) реагира на друг начин. Да не зборуваме за потребата која ја чувствува човек…

Нејсе. Ми лежеше на срце или душа, па викам да го споделам, може не сум сам во впечатокот, чувствата или потребата за ваков одраз (или израз беше), кои ги имам.

Завршница на Купот на Македонија во машка и женска конкуренција. Настан кој, според мене, треба да биде празник на ракометот, со полна сала, неколку шанкови, музика на убаво време, насмеани лица (и разочарани секако!). Убава локација, фанови од сите страни од каде има учесник на завршниот турнир….Ајде другпат.

Денот кога ќе се подели титула. Една од оние двете (без намера да ги ставам на исто ниво!), кои служат, или за потврда на се што е сработено, или како утеха дека не било се толку лошо.

Имајќи предвид квалитетот на екипите, и пред се меѓусебната израмнетост на четирите екипи, може да ни позавидат многу поразвиени земји. Па и Германија, каде Фуксе и Магдебург, вчера, на тамошниот фајнал фор,  играа со екипи од втора или трета категорија, што покажува дека целта е исполнета, па некоја „таква“ екипа да дојде на (нај)големата сцена, но и покажува многу сериозна ширина, во однос на квалитетот на екипите во првата, па и втората Бундес лига. Како потврда на се претходно споменато, вчера европскиот првак „се сопна“ во полуфиналето, а „лисиците“ едвај дојдоа до истото. Целата филозофија и убавина на ова натпреварување. Надополнето со се што НЕ видовме во Струмица, а го спомнавме погоре во делот за полна сала итн итн….

Реално очекувавме поголема неизвесност во полуфиналето. За вториот дуел некако и можеше да се очекува, дека во втора, трета фаза, Алкалоид „ќе падне“, имајќи предвид неколку фактори: одигра пред три дена сериозно квалитетен и напорен дуел, кој го загуби од Пелистер, има многу проблеми со отсуството на суспендираниот Мартин, повредите на Тино, Симба, а особено Брус Ли, па и на крај на краевите, во моментов е за нијанса (или две!) по неквалитетен, барем на хартија, во однос на Џомба, Мечка, Гигов и дузина легионери со репрезентативно педигре. Вардар, со цврста и гранитна одбрана и индивидуален квалитет на поединци (читај Малус!), кои се над нивото на овдешниот ракомет, на крајот и со солидна разлика, го „попрати“ тимот на Лазаров дома. Дома, каде имаат многу за мислење и преиспитување, за насоката по која сакаат или за насоката по која „друштвото“ ги принудува да се движат. Затоа што, вака, со наши деца, на кои им даваат шанса да се развијат, тешко ќе си „го мерат“ со останатите екипи од големата четворка, кои имаат двоцифрен број странски играчи. Се надевам дека ќе опстојат, но и дека Македонија (онаа ракометната де!) ќе ја цени и валоризира развојната компонента, која ја има Алкалоид, како нужна потреба, заедно со Бутел, Пролет и Тиквеш да бидат, поголеми или помали, „лостови“ за нашите играчи да „скокнат“ во, моментално побогатите (не по буџет само, туку и според фокусот, каде се троши истиот!) клубови во Македонија, но дај Боже и странство. Да ги остави другите да бидат „најдобри“, а тој (Алкалоид де!) да биде најкорисен.

Ако за второто полуфинале очекувавме, за она првото, во никој случај, барем јас не очекував, Охрид да се „прошета“ по терен и на, сеуште, актуелниот шампион, да му одржи лекција по ракомет, однос на терен, дисциплина, тактичка поставеност и СВЕ. Очекував оној триумф, со враќање од мртвите во Автокоманда да донесе нов импулс кај шампионите, ама не, како и многупати до сега (а тоа на 7 јуни лани беше најконкретен пример) Пелистер, со победа само ги покрива проблемите, оставени или создадени од луѓе кои или немаат визија или немаат сила во клубот, или едноставно не им е гајле.

Охрид, со многу цврста, но и хомогена одбранбена зона, која имаше комуникација, меѓусебна поддршка, но и добра тактичка поставеност, поддржана од Филиповиќ на голот, го принуди шампионот (или го остави можеби најкоректно) на едноцифрен број постигнати погодоци, а вториот дел веќе беше стартуван. Доволно плитка пивотот да нема простор за „оперирање“, доволно длабока да не може Фитиљ или Павле да бидат слободни во шутот од надвор и доволно хомогена и густа, секоја грешка на соиграчот да може да се „покрие“ соодветно. Она што помина „го собра“ голманот и завршена приказна. Техничките грешки, недисциплината и „вољниот моменат“ им се гратис на Битолчани, и за тоа „се јаде“ 50% од плата, затоа што нема друг начин да им се „оддолжи“ човек на група играчи кои со паметот веќе се во клубовите, со кои потпишале соработка за следната сезона или истиот (акалот де!) го пуштиле на пасење, после добро завршена работа и обновување на договорот и уште една година „товарење магарето“ во конзулска Битола.

Знам, после ова пак ќе бидам „на добар глас“ во мојот омилен град, ама додека пишам и имам свест, ќе се борам против странски (па и домашните нема да бидат поштедени!) играчи кои „лешинарат“, неквалитетни ракометари или луѓе, од кои ниту можеш да направиш „рол модел“ (пошто се или во кафеана или на кафе на Широк или кладилница) за децата кои доаѓаат. И тоа апсолутно не важи само за Битола. Таму ракометот е религија и затоа и мене ми е најважен. Скопје е големо, а ракометен Вардар или Алкалоид се „капка во морето“ од клубови и настани, а Охрид е на самиот почеток и „напред му е зимата“, во однос на притисокот на локалната, (не)ракометна, јавност.

Охрид-Вардар или Вардар-Охрид. Годинава одиграа три (според односот кон истиот) натпревари, со можеби, различни состави, особено Охриѓани, кои низ текот на сезоната донесоа засилувања во името на Јагуриновски, Борозан, Прибетиќ, Филиповиќ и секако, „јаготка на шлагот“, Јапонецот Јасухира. Не е ова истиот Охрид кој тесно загуби во „Борис“ на стартот на сезоната. Но, не е ни Вардар. Бразилецот Да Силва и особено Мечка Лазаревски се нови лица во составот, кои ги немаше есента, од различни причини.

Што да очекуваме или посакуваме?

Супер интересен натпревар, 6-0 зони, многу слични по формација, со нијанси кои не би требало да го одлучат натпреварот. Изненадување во однос на промена на зона е можна, со Лијапис или Тузолана како предни играчи на 5-1 формација. Не е нелогично, особено кај Охрид, ако се има предвид влијанието на Малус во нападот на „двократниот“. Вардар е за нијанса посилен во зона, Охрид е покомпактен и подвижен. Два голмани со сличен квалитет, каде никој нема предност. Напад со Малус, кој прав(и)еше што сака, барем со дефанзивците на Алкалоид, претходно Пелистер или во Европа. Потентна бековска формација со доза недисциплина во Хорига и Митровиќ, но и многу стабилност и промисленост во Да Силва и Боно. На „црта“, ако Мечка е како што треба, Скопјани се во блага предност. Нападот на Охрид, е приказна сама за себе. Делува како оној европските шампиони на Вигерт . Особено, сега со „самурајот“ во составот. Мојот омилен Стрмљан, со д-р Јагуриновски и Иванковиќ како една варијанта, каде овој третиот може и од „надвор“ и онаа по опасната (но и непрактична за два правци игра!) со Јасихура. Многу трпеливо, прецизно, технички и тактички дотерано. Знаат што сакаат, имаат дуел игра и одличен пренос на топка. Искусни крила и пивот кој повеќе работи за нив, отколку за себе, како нов тренд во ракометот. Борозан и Петриќ немаат пристап во игра каде титулата е влог, барем според мене.

Резимирам.

Вардар има габарит, снага и широк ростер, кој во напад може да „разбие“ од надвор но и да оди директно на човек, еден на еден, каде е многу силен, а Охрид има компактност и меѓусебна соработка во зона, а во напад, каде е многу трпелив и креативен, ќе напаѓа простор помеѓу, за нијанса по спорите играчи во зоната на противникот, со брзи нозе, супер техника и многу ракометно знаење. Голманите, можат, но не би требало да го одлучат натпреварот. „Двократниот“ е фаворит со 60-40, но секоја недисциплина и избрзаност на задната линија на Скопјани, тимот од градот покрај најубавото езеро немилосрдно ќе го казни. Мотивација не би требало да им недостасува на овие вториве, и во однос на прва титула во своите витрини, а ниту финансиска, верувам.

Наше е да уживаме и да анализираме.

Горан Ѓоргоноски

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“