Иран предупреди дека секоја акција на САД што ја нарушува неговата контрола врз Ормуската теснина ќе се смета за кршење на примирјето.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Калибаф, изјави дека евентуалното отстранување на мини или други активности на американските сили во регионот ќе бидат третирани како непријателски чин.
– Американците ја објавија блокадата, што е неодговорна и погрешна одлука. Ако ние не можеме да поминеме низ Ормуската теснина, нема да можат ни другите. Доколку блокадата не се укине, транзитот сигурно ќе биде ограничен – изјави Калибаф, пренесе МИА.
Тој додаде дека Иран би реагирал воено доколку американски бродови дополнително се приближат до теснецот.
– Ако се приближат повеќе, ќе отвориме оган – нагласи Калибаф, посочувајќи дека за оваа позиција била информирана и американска делегација за време на разговорите во Пакистан.
Претходно, Иранската револуционерна гарда соопшти дека Ормуската теснина ќе остане затворена поради, како што наведуваат, прекршување на прекинот на огнот од страна на САД.
Според нивното соопштение, иако неколку бродови поминале низ теснецот претходните денови, американската страна не ја укинала поморската блокада врз иранските бродови и пристаништа.
– Ормуската теснина ќе остане затворена сè додека блокадата не биде укината – се наведува во соопштението.
Воедно, гардата предупреди дека ниту еден брод не смее да го напушти своето сидро во Персискиот Залив и Оманското Море. Секое приближување кон теснецот ќе се смета за соработка со непријателот, а прекршителите ќе бидат третирани како легитимни цели.
































