Судско-медицинскиот вештак Златко Јаќевски, кој ја извршил обдукцијата на Ивана Стојаноска, на денешното рочиште направи јасно разграничување меѓу повредите настанати од падот од балконот и оние здобиени претходно.
Два крвни подлива со модрожолтеникава боја на левиот образ настанале пред една недела, а подливите на вратот под брадата биле од дента на 2 март која починала, или од претходниот ден.
На прашање на обвинителката, дали кај жртвата Ивана имало присуство на опијати, дрога, алкохол, сведокот рече дека при обдукцијата и по лабораториските испитувања, кај неа немало присуство на алкохол, дрога, а ни средатва за смирување.
– Кај Стојанче во урината беше откриено присуство на 307,5 нанограми кокаин на милилитар како и присуство на лекови за смирување поголема од 1.000 нанограми на милилитар. И во крвта на Стојанче имаше присуство на дијазепам и кокаин – одговори сведокот.
Докторката Ана Ивчева, сведочеше дека повредите на брадата на Ивана биле од стискање со врвовите на прстите.
Претходно, Стојанче кажа спротивна приказна во сведочењето, од онаа на сведоците и од обвинителството кое го товари за наведување на самоубиство на Ивана Стојаноска, за тешко семејно насилство и нанесување повреди на Ивана, за загрозување на сигурноста нејзина и на покојното 6-годишно дете Катја и за наведување на самоубиство на Ивана на 2 март 2026 година.
За време на испитувањето во ниеден момент обвинетиот не спомнал за ќотекот, за тоа дека ја снимал како плаче Ивана претепана, за детето што ноќе босо трчало по комшии да бара помош оти мајка ѝ ќе биде убиена и особено за хоспитализацијата на абдоминална хирургија на Ивана откако ја претепал со боксови и кога отишол кај неа, ја турнал таква по болничките скали.
Завршните зборови судијата Ивица Стефановски од Кривичниот суд Скопје ги закажа за 28 април во 10 часот.

































