Azar Aliu
Фото: Министерство за здравство

Реформата на здравствениот систем носи значајни промени во специјалистичкото образование, со цел подобрување на квалитетот на здравствените услуги, истакна министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција.

Тој ги презентираше новите програми за специјализации и супспецијализации, нагласувајќи дека анализите покажале сериозни слабости во постојниот систем, тесно профилирани кадри со ограничена применливост, недоволна практична подготвеност, особено во итната и интензивната медицина, како и преоптовареност на терцијарното здравство, пренесе МИА.

Фокусот на реформата е ставен на интерната медицина и општата хирургија. Во интерната медицина се воведува засилена практична обука, особено во ургентната медицина и интензивната нега, како и обука за POCUS (point-of-care) со ултразвук како стандардна вештина за секој интернист, а дополнително се дефинираат минимални практични интервенции и се овозможува поголема автономија на специјалистите во нивната секојдневна работа. .

 – Целта е да создадеме интернист кој самостојно ќе може да управува со комплексни и итни состојби на секундарно ниво – рече Алиу.

Во делот на општата хирургија се воведува петгодишен, европски усогласен курикулум со поширока хируршка основа и мултисистемски пристап, што треба да овозможи поголема флексибилност и подобра подготвеност на хирурзите, особено во болниците надвор од главниот град.

Очекуваните ефекти од реформата се:

  • подобра достапност на здравствени услуги
  • намалување на упатите кон терцијарното ниво
  • зголемена безбедност на пациентите
  • поефикасно користење на здравствените ресурси

Министерот појасни дека е предвиден преоден период од три години за усогласување на постојните специјализации со новите програми. Дополнително, ќе се овозможат едногодишни и двегодишни програми за надградба на знаењето на веќе специјализираните лекари.

 – Се движиме кон модел со широка базична специјализација и супспецијализација како надградба, со цел подобар баланс меѓу општи и тесно профилирани кадри – нагласи Алиу.

На прес-конференцијата се обратија и деканите на медицинските факултети – Светозар Антовиќ, Невзат Елези и Катерина Златановска – како и претседателката на Лекарска комора на Северна Македонија, Калина Гривчева-Старделова, кои ја истакнаа важноста на реформата за унапредување на медицинското образование.