Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска заедно со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, ја посетија работилницата за мозаик инспириран од рубин, која се одржува во ДСУЛД „Лазар Личеноски“.
Станува збор за проект што на иновативен начин ги поврзува геологијата, уметноста и образованието преку практична работа со минерали. Фокусот е ставен на рубинот како симбол и материјал, а работилницата претставува редок пример на трансформација на природните ресурси во креативен и едукативен процес.
Од Министерството посочуваат дека посетата е дел од пошироки активности насочени кон поврзување на енергетиката и рударството со образованието, иновациите и креативните индустрии.
– Ваквите проекти се пример како се гради нов пристап – енергетиката и рударството да се гледаат како простор за знаење, иновации и поврзување со културата. Нашата цел е природните ресурси да станат дел од образованието и економијата – изјави Божиновска.
Амбасадорот Прескер ја поздрави иницијативата, нагласувајќи дека ваквите проекти придонесуваат за долгорочна соработка меѓу институциите, образованието и граѓанскиот сектор.
Во рамки на посетата, двајцата симболично се вклучија во изработката на мозаикот, испраќајќи порака за значењето на креативноста, инклузијата и заедничкото создавање.
Работилницата е дел од проектот „Вештини – клучот на зелената економија“, поддржан од словенечката амбасада, а го реализираат Nature Expedition и Дијалог. Проектот комбинира геологија, уметност и сторителинг, а вклучува и млади лица со Даунов синдром, што му дава силна инклузивна димензија.
Во рамки на активностите ќе бидат изработени два мозаика – едниот ќе биде поставен во мермерниот комплекс во Беловодица како дел од отворена галерија, а вториот ќе биде изложен во Министерството.
Проектот отвора нова перспектива – од природен ресурс до знаење и креативен израз, со фокус на одржлив развој.
































