- СП ќе се одржи од 21 до 29 април во Скопје, во организација на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, а под покровителство на Министерството за спорт
Скопје првпат ќе биде домаќин на едно од најзначајните младински спортски натпреварувања, Светското училишно првенство во ракомет (СП), од 21 до 29 април, во организација на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, а под покровителство на Министерството за спорт. Во пресрет на овој голем спортски настан, вчера беше одржана прес-конференција, на која присуствуваа претседателката на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, Елена Мицковска, министерот за спорт Борко Ристовски, шефицата на делегацијата на Македонија, поранешната ракометарка Индира Кастратовиќ и претседателот на РФМ, Александар Стефанов.
– Во пресрет сме на големото и долго очекувано Светско првенство во нашиот главен град. Отворањето е закажано за 21 април во 19.30 часот на градскиот плоштад „Македонија“. Очекуваме да продефилираат околу 700 учесници, ракометари и ракометарки, заедно со своите делегации. Упатувам покана да дојдеме сите на градскиот плоштад и да ги поддржиме учесниците. Верувам дека сите спортисти ќе си заминат со нови пријателства и убави спомени. Натпреварите ќе се реализираат во шест училишни спортски сали. Амбициите, како и на секоја држава, се да се освои медал. Благодарност и до претседателот на Светската училишна федерација, Жељко Танасковиќ, за укажаната доверба во една ваква организација, а ние со сите чинители и помагатели да го дадеме својот максимум и да бидеме добри организатори – изјави Мицковска, која им се заблагодари на Министерството за спорт и на министерот Ристовски, како и на прославената ракометарка Кастратовиќ.
Ристовски изјави дека ваквите спортски настани треба да бидат што поприсутни кај нас.
– Ние како држава и како Министерство за спорт заедно и во соработка и со Федерацијата за училиштен спорт и со Ракометната федерација на Македонија покажавме дека ќе се залагаме ваквите настани да бидат што повеќе присутни во Македонија, затоа што ова не е само спорт туку и размена на култури и промоција на државата. Поентата на прифаќањето на организацијата на вакви настани е токму тоа. Другиот аспект е да им овозможиме на сите деца што се занимаваат со ракомет да се презентираат, да ги покажат своите вештини пред поширок аудиториум. Ја добивме оваа организација на Светското првенство по долги преговори и се надеваме дека во иднина ќе бидеме домаќини и на други спортски настани од училишниот спорт. Сигурен сум дека и РФМ и ФУС и ние како министерство и како држава ги имаме преземено сите работи и дека ќе го дочекаме овој настан подготвени да ја претставиме државата на највисоко можно ниво – изјави Ристовски.
Поранешната ракометарка Индира Кастратовиќ на ова СП ќе биде во улога на шефица на делегацијата на Македонија.
– За мене е голема чест, но и голема одговорност за што подобро да ја претставиме нашата држава. Скопје ќе биде град на спортот, сите деца ќе имаат нови пријателства и ќе добијат големо искуство. Се надевам ќе имаме голем успех, дека нашите репрезентации ќе се покажат во добро светло – рече Кастратовиќ.
Свое обраќање имаше и претседателот на РФМ, Александар Стефанов.
– Ова Светско првенство е голема чест за ракометот и за спортот, но и за училишниот спорт и за младите деца. Голем предизвик е да допатуваат 23 селекции во Скопје во машка и во женска конкуренција – рече, меѓу другото, првиот човек на РФМ. Г.И.
































