Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Трите закони за високо образование и наука (за високо образование, за квалитет на високото  образование и за научноистражувачка дејност) се во владина процедура. Тие од јануари беа поставени на националниот регистар за прописи (ЕНЕР) и беа организирани дебати на универзитетите, по што  прифатливите забелешки беа вградени во новите верзии. На прес-конференција во Владата денеска посветана на пакетот закони, министерката Весна Јаневска соопшти дека очекува во краток период да заврши владината процедура и нивно проследување во Собрание, со оглед дека постои, како што рече, консензус со академската заедница за квалитетот на законите, но дека тие се обемни и исклучителчно важни и затоа внимателно се читаат, пренесува МИА.

-Треба да се проверат од правен аспект, да нема некоја грешка, бидејќи ова се три огромни закони. Претпоставувам дека тоа ќе потрае извесен период, затоа што треба многу внимателно да се читаат, од исклучително значење се. Потоа ќе одат на владина седница на која законите ќе ги дискутираат членовите на Владата, кои претходно ќе го имаат на увид, и ако тие се согласат дека законот треба да оди во Собрание, таму ќе се прати по службена должност. Со оглед на тоа дека МОН, односно Владата, и академската заедница веќе имаат консензус за квалитетот и добробитот на овој закон, очекувам сето ова да се заврши во многу краток период- рече министерката Јаневска.

На прес-конференцијата со премиерот Христијан Мицкоски и со ректорите на седумте јавни универзитети, таа ги соопшти предностите на новиот закон за високо образование и посочи дека во неговото креирање се слушнати мислењата на дебатите организирани на сите универзитети и оти се вградени сите конструктивни и аргументирани забелешки.

-Година и половина водиме целосно транспарентен процес. Ова не е одглумена дебата, таква не би траела толку долго. И не е по принципот од 2018 година, кога закони носеше министерскиот кабинет. Со тој закон катастрофално се оштети високото образование, но и целото општество. Сега е поинаку – се сретнавме со сите, ги слушнавме вработените на јавните и на приватните универзитети, на научните установи и МАНУ- изјави Јаневска.

Посочи дека се прифатени бројни конструктивни сугестии и оти критичкиот осврт на академската и научната заедница многу помогнале во подготовка на најдобрите верзии за подобрување на текстот на законот за високо образование, најкомпексниот во пакетот од три закони.

Јаневска нагласи дека во изминатиот период успеале да се справат и со лажни вести и дезинформации од, како што рече, центри на моќ и влијание, како на пример дека се нарушува автонимијата на универзитетите, дека ќе нема вонредно студирање, дека ќе студираат деца само на богати семејства, дека државата не им плаќа на професорите за објавување на научни трудови итн.

– Сите тие што работеа на законот и кои го прочиутаа знаат дека ова не е вистина, рече Јаневска и порача дека не треба да постои отпор кон законот од политички причини и поради ривалство, туку е потребно единство заради повисока цел – напредокот на општеството.

На новинарско прашање дали се разговара и со опозицијата и дали од неа се очекува поддршка во Собранието, министерката одговори дека нема впечаток дека опозицијата не го поддржува законот.

– Немам впечаток дека опозицијата не го поддржува законот. Секако дека ние веќе воспоставуваме контакти со опозицијата и тие разговори ќе продолжат јавно, како што досега правевме на универзитетите, така и во Парламентот. Ќе видиме на крајот како ќе излезе сето тоа, но од овој собир овде може да се види дека има поддршка за законот. Тука не се присутни луѓе од политиката туку од академката заедница, на кои им е важен просперитетот на оваа земја – рече Јаневска на прес-конференцијата, на која за придобивките од новото законско решение се осврнаа и ректорите на шесте државни универзитети (УКИМ-Скопје, УКЛО-Битола, УГД-Штип, ДУ-Тетово, УАП-Охрид и УМТ-Скопје) и од јавно-приватниот УЈИЕ-Тетово.

Прес-конференцијата во Владата ја отвори премиерот Христијан Мицкоски кој истакна дека предложениеот закон за високо образование не е креиран зад затворени врати, туку преку дебати со универзитетите.

Рече дека законот е заедничко решение со академската заедница и верува дека ќе даде резултати.

– Ова не е закон на Владата, ова не е политичко туку државно прашање од кое зависи иднната на земјата и на нашите млади кои сега не препознаваат квалитет во домашното високо образование. Ова е закон кој треба да донесе квалитет, стабилност и перспектива – порача  Мицкоски и нагласи дека треба да се престане со експерименти во високото образование, туку да се почне со системски решенија затоа што, рече, образованието е фундамент на секое општество.

Како што рече, долго време виското образование трпи големи штети, зашто во 2018 е донесен закон уште полош од претходниот, со намалени прагови за напредување во звања, намалена продукција на научни трудови и намален квалитет. Во изминатите години, рече тој не е спроведена ниту една сериозна евалуцаија, ниту се предложени решенија за напредок на високото образование.

-Ако почнеме на овој начин да функционираме, ќе ги изгубиме младите и да не се чудиме зошто илјадници наши млади студираат на универзитетите во регионот. Мора да понудиме квалитет ако сакаме да имаме генерации коишто утре ќе ја водат оваа држава. Со импровизации, со ад хок решенија или решенија креирани само за мала група луѓе не можеме да одиме напред. Како Влада не можеме да дозволиме уште една изгубена деценија. Денес имаме воспоставен вистински партнерски однос со академската заедница и заедно со нив правиме нов закон-  истакна Мицкоски.

Нагласи дека законот за високо образование одговара на реалните предизвици, а во фокусот се младите и тие да се задржат дома и тука да ја градат иднината и кариерата. Меѓу новините, рече, е тоа што првпат најдобрите студенти ќе имаат предност при  вработување на државните универзитети, се воведува и нов модел на финансирање на високообразовните установи.

Мицкоски соопшти дека 7,5 милијарди денари е буџетот на универзитетите и дека е значително поголем од минатата година, додавакјќи дека тој тренд ќе продолжи.

Додаде дека фокусот ќе биде и на науката, поддршка на научни трудови,  за нашите универзитети, како што рече, повторно да бидат препознаени какко центри на квалитет и иновации.

-Мора да напредуваме на ранг-листите каде што се оценуваат нашите универзитети, вклучително и на Шангајската ранг-листа – главната репер листа што го оценува квалитетот на високото образование. Ве замолувам, сите заедно да додадеме вредност во овој процес, да образуваме генерации кои ќе бидат стожерот на иднината на оваа наша заедничка татковина – истакна претседателот на Владата.