- „Спротивното на љубовта не е омразата, туку рамнодушноста“
– Ели Визел, нобеловец и преживеан од Холокаустот, Нобелов говор (1986)
ЗОШТО НЕ МОЖАМ ДА БИДЕМЕ РАМНОДУШНИ!?
Не можеме да бидеме рамнодушни на колумната на Г-дин Рашиди која е објавена во „Слободен печат“ на 15 Април 2026 година. Човек кого лично не го познавам и за кого знам само дека е „некој“ новинар. Оваа колумна не е прашање на личност, туку на теза што авторот ја застапува. А таа теза не е само мислење, туку опасен обид да се нормализира идејата дека еден народ може да се прогласи за виновен!
Не можеме да молчиме кога Македонците се опишуваат како носители на „патолошка омраза“, кога им се припишуваат „незаслужени привилегии“ и кога целиот народ се сведува на психолошка карикатура. Тоа не е критика – тоа е „стигматизација“.
Не можеме да бидам рамнодушен затоа што ваквите тези не објаснуваат ништо. Тие не градат разбирање, туку создаваат вина. Не отвораат дијалог, туку продлабочуваат поделби. И токму тука рамнодушноста станува опасна. Затоа што кога ќе прифатиме дека е нормално еден народ да се обвинува како целина, тогаш веќе сме направиле чекор кон логика што историјата одамна ја осудила. И затоа — молчењето не е опција.
Истата таа логика, пред само неколку децении, доведе до една од најголемите трагедии во човечката историја – холокаустот. Евреите не беа прогласени за виновни како поединци, туку како народ. Не поради конкретни дела, туку поради припадност. Беа обвинети, стигматизирани и деградирани врз основа на колективна вина – идеја што започна како наратив, продолжи како пропаганда, а заврши како катастрофа. Токму затоа светот по Втората светска војна јасно утврди: вината не може да биде колективна, затоа што тогаш престанува да биде правда.
И токму затоа е опасно кога денес, во 21 век, повторно се слушаат тези што цел народ го сведуваат на психолошка категорија, на извор на омраза или на носител на вина. Македонците, како и многу други народи на Балканот, низ историјата биле изложени на негирање, асимилација и притисоци – но за разлика од тоа, никогаш не изградиле политика на асимилација над другите. Биле асимилирани, но не асимилирале. Македонците се единствените на Балканот кои немале организирана соработка со фашистите и нацистите!!!
И тоа не е израз на немоќ, туку на свест. Можеби токму поради сопственото историско искуство, македонскиот народ развил одреден космополитски сензибилитет – свест дека она што ти било неправедно наметнато, не треба да го наметнуваш на другите. Тоа е избор, не слабост.
Затоа, кога денес некој се обидува да ја врати логиката на колективна вина – без разлика под каква форма – тоа не е чекор напред, туку чекор назад кон идеи што човештвото веќе скапо ги платило.
МИТОТ ЗА „СРУШЕНАТА ХИЕРАРХИЈА“
Г-дин Рашиди греши во самата основа кога тврди дека „зголемувањето на албанското присуство… сруши една хиерархија за која Македонците мислеа дека е трајна“.
Која хиерархија? Каде постоела таа јасно дефинирана, институционализирана „трајна“ надмоќ на Македонците како систем? Дали таа хиерархија била правно утврдена, историски документирана или е само перцепција претставена како факт?
Со ваквата формулација, Г-дин Рашиди не анализира – тој конструира наратив. Наратив во кој Македонците се поставуваат како колектив кој со децении уживал некаква надмоќ, а денешната реалност се прикажува како „губење“ на нешто што им припаѓало.
Но фактите не ја потврдуваат таа теза!
По Втората светска војна, Македонија не се изгради како држава на етничка хиерархија, туку како општество што настојуваше да интегрира. Немаше закони што воспоставуваат етничка супериорност, немаше системска политика на потиснување на другите заедници. Напротив, постоеше процес на нивно вклучување – образовно, институционално и политичко. Во период кога неписменоста била сериозен општествен проблем, особено изразен кај албанското население, државата вложувала значителни ресурси во описменување, отворање училишта и образовна инфраструктура токму во тие средини. Иако Македонците како мнозинство имале и апсолутно поголем број неписмени, политиката била насочена кон намалување на разликите, а не кон нивно продлабочување. Се финансирало трипати повеќе во описменување на Албанците. Паралелно со тоа, Албанците биле вклучени и во политичкиот систем. Во рамките на Социјалистичка Република Македонија, албански претставници имаа свои позиции во Собранието, во извршните органи и во локалната власт, а биле присутни и во раководните структури на Сојузот на комунистите. За периодот на плурализмот да не зборуваме! Се е јасно!
Приказната продолжува и денес. Преку законските механизми, особено Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, државата обезбедува финансиска поддршка за медиуми на јазиците на заедниците. Во пракса, ваквиот модел доведе до ситуација во која медиумите на јазиците на помалите заедници, вклучително и албанските, добиваат значајна и континуирана институционална поддршка, како за печатени така и за електронски содржини. Истовремено, се создава впечаток дека медиумите на јазиците на заедниците, особено албанските, се поддржани со континуирани буџетски средства, додека медиумите на македонски јазик во најголем дел се оставени да опстојуваат исклучиво на пазарни принципи. Тоа, сосема очекувано, создава чувство на нерамноправност кај дел од јавноста – особено кога тие исти граѓани учествуваат во финансирањето на системот преку даноци, а не гледаат јасен баланс во распределбата на средствата.
Па така ова не се примери на систем што исклучува, туку на систем што, со сите свои недостатоци, сепак овозможува учество. Тоа не е хиерархија – тоа е процес на интеграција.
Практично, Рамковниот договор значеше дека македонското мнозинство го понесе товарот на финансирање проширени и делумно сепарирани права надвор од вообичаените малцински стандарди. И сега интенцијата на Г-дин Рашиди е да се сведат тие сложени процеси на теза дека Македонците „мислеле дека се први и доминантни“ не е само поедноставување – тоа е погрешно толкување што води кон погрешни заклучоци.
Затоа што ако појдовната точка е дека едниот народ бил „над“, тогаш секоја понатамошна анализа неизбежно ќе води кон заклучок дека тој народ сега „губи“. А тоа не е рамноправност – тоа е наратив на конфликт. Не заборавајте Македонската држава воено не изгуби во 2001!
ПОГРЕШНАТА ПРИМЕНА НА „ПСИХОЛОШКИТЕ ТЕОРИИ“
Г-дин Рашиди прави уште една сериозна грешка кога се обидува да ја објасни македонско-албанската динамика преку концепти како „психолошката цена на тоа да се биде Македонец“ и теориите за „социјална закана“ и „scapegoating“( обвинување на еден народ за сите проблеми). На прв поглед, ова звучи како научна анализа. Но суштински, станува збор за погрешна и механичка примена на концепти што припаѓаат на сосема поинакви историски и општествени контексти.
Да се повлекува паралела меѓу расните односи во САД од 19 и 20 век и сложените односи во Македонија е не само неточно, туку и интелектуално неодржливо. Во САД постоел јасен, законски и институционален систем на расна сегрегација и супериорност. Во Македонија таков систем никогаш не постоел. Ова е навреда и за САД! Зошто ако толку сакаше да направи паралела не ја спомна Јужно Африканската Република, апартхејдот и Мандела?!
Оттука, кога Г-дин Рашиди тврди дека Македонците наводно уживале „психолошка привилегија“ само поради тоа што се Македонци, тој всушност вградува туѓ модел во домашна реалност. Но општествата не функционираат по шаблон. Историјата на Македонија и Македонците не е историја на доминација врз други.
Дополнително, ваквото објаснување има уште еден сериозен проблем: ги сведува луѓето на психолошки стереотипи. Наместо да ги анализира конкретните политички, економски и општествени фактори, Г-дин Рашиди избира да ги објасни реакциите на Македонците како резултат на „закана за идентитет“ или „колективна фрустрација“.
ПРИНЦИПИ ШТО ТРЕБА ДА НÈ ВОДАТ: АКИ ДИКА, ИБЕ ПАЛИКУЌА, АЛИТИ И МНОГУ ДРУГИ
Наместо да се создаваат наративи на поделба, постојат принципи што покажуваат поинаков пат – пат на заедништво, почит и заедничка одговорност.
Аки Дика, партизан и борец од струшкиот регион, по кого денес е именувано училиште, е симбол на заедничката антифашистичка борба. Ибе Паликуќа, исто така призната како херој, е дел од таа традиција што не прави разлика меѓу луѓето кога станува збор за слободата.
Во поновата историја, Абдурахман Алити покажа што значи вистински принципи во пракса. Како македонски амбасадор во Бугарија, со достоинство и јасна позиција, оддавајќи почит на Јане Сандански и спротивставувајќи се на обидите за историски ревизионизам, тој покажа дека припадноста на една заедница не е пречка за одбрана на заедничките вредности. Јасно и јавно ги заштитуваше правата на Македонците во Бугарија!
Овие и многу други личности се доказ дека оваа земја може да се гради врз принципи, а не врз поделби – врз заеднички напори и меѓусебно почитување.
Затоа, наместо да се бараат виновници, потребно е да се следат токму овие принципи – принципи што не делат, туку поврзуваат.
ПРОТИВ ОПАСНАТА ИДЕЈА ЗА КОЛЕКТИВНА ВИНА
На крајот, прашањето не е дали ќе се согласиме или не со Г-дин Рашиди. Прашањето е дали ќе прифатиме да живееме во наратив каде цели народи се прогласуваат за виновни. Затоа што таму каде што вината станува колективна, правдата престанува да постои.
Македонското општество има свои слабости, свои грешки и свои предизвици. Но тие не се и не можат да бидат објаснети со теории што сведуваат еден народ на извор на проблемот. Таквите пристапи не носат решенија – тие создаваат нови поделби.
А вистинската еднаквост не се гради со обвинување, туку со одговорност. Не со генерализации, туку со факти. И не со наративи на вина, туку со принципи што важат за сите. Затоа, изборот е едноставен: или ќе молчиме и ќе дозволиме ваквите тези да станат „нова нормалност“, или ќе кажеме дека колективната вина нема место во општество што сака да биде праведно. Токму затоа не смееме да бидеме рамнодушни.
Затоа што, како што предупредуваше Ели Визел, рамнодушноста не е неутрална — таа е избор.
Во суштина, Г-дин Рашиди ги заменува интеграцијата со сегрегација – и токму тука ја прави клучната грешка. Интеграцијата значи вклученост во заедничкиот систем, еднакви правила и пристап до институциите за сите граѓани. Сегрегацијата, напротив, подразбира одделување и создавање паралелни механизми што ги раздвојуваат луѓето наместо да ги обединуваат. Токму во случајот со правосудниот испит, наместо да се инсистира на заеднички стандарди и еднаков пристап, се отвора прашањето дали решенијата водат кон интеграција или кон создавање посебни патишта што го разградуваат системот.
Дополнително, Г-дин Рашиди треба да биде свесен дека живее во држава во која албанската заедница не само што ги ужива сите права како малцинство, туку во многу сегменти и проширени права што ја надминуваат класичната европска рамка.
Токму затоа, наместо да се создава наратив на постојана неправда, би очекувал од еден новинар да покаже објективност и да биде горд на овој модел на соживот и унапредени права.
И повеќе од тоа – таквиот модел треба да се афирмира и надвор, како пример. Да се постави прашањето: дали Македонците во соседството – во Албанија или Косово – ги уживаат истите стандарди на права? И ако не, тогаш токму ваквиот концепт треба да се промовира како вредност, а не да се проблематизира.
Притоа, јавниот говор носи одговорност. Тезите што создаваат колективна вина и нови поделби не придонесуваат за соживот, туку можат непотребно да ги иритираат токму оние граѓани кои со години учествуваат во финансирањето на овие политики на проширени и специфични права.
Таквиот пристап отвора едно легитимно прашање: до кога ваквите мерки треба да бидат трајна состојба? Затоа што концептот на таканаречена „позитивна дискриминација“ по својата природа не е замислен како вечен систем, туку како преоден механизам – средство за постигнување забрзан развој, а не за создавање трајни разлики.
Дополнително, меѓународните стандарди за заштита на малцинствата јасно ја нагласуваат обврската на државата да обезбеди основни услови за зачувување на јазикот, културата и образованието, особено во раните фази на образовниот процес. Но тие стандарди не подразбираат неограничено и постојано проширување на посебни, паралелни системи финансирани од државата. Впрочем и Венецијанската комисија тоа го кажа во врска со Законот за јазиците!
Затоа, ако наместо интеграција се создава перцепција на трајна издвоеност, се поставува прашањето дали ваквите политики ја исполнуваат својата цел – или, напротив, го одложуваат моментот кога општеството ќе функционира врз заеднички правила за сите.
И токму затоа, наместо да се продлабочуваат поделбите, потребно е да се врати фокусот кон вистинската цел: општество во кое правата се гарантирани, но системот е заеднички, одржлив и праведен за сите граѓани.
Затоа што вистинската рамноправност не е само барање права, туку и признавање кога тие постојат – и подготвеност тие принципи да се применат секаде.
Тони Менкиноски



































