Во Битола започнува Фестивалот на школата за краток филм
Од денеска до 22 април во Битола и Битолско ќе се случи најновото, петто издание на Фестивалот на малата школа за краток филм. Станува збор за меѓународна соработка меѓу Франција и Македонија. Имено, здружението „Аје Аје ВО/ФИФ“ (AYE AYE VO/FIF) секоја година кон крајот на јуни и почетокот на јули го организира Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, а во текот на целата година ја афирмира кинематографијата кај младите, но врши и едукација од истата област. Здружението веќе 21 година го организира Фестивалот на малата школа за краток филм, кој годинава ќе пречека околу илјада деца во Нанси и над 240 деца во Везелизе. Во Македонија, пак, благодарение на Тони Гламчевски, инаку постојан дописник на „Нова Македонија“ од Франција, и годинава светската продукција на краток филм од млади и за млади ќе биде прикажана и доближена пред голем број деца.
– Фестивалот, покрај проекциите во Центарот за култура во Битола, ќе има и проекции во селските училишта. Свеченото отворање во Битола ќе биде придружено со специјална програма на кратки филмови наменети за децата и семејствата. Следните денови фестивалот ќе организира проекции за основците и средношколците во Битола. Овој настан е наменет за најмладите, но и за преттинејџерите и тинејџерите (5-14 години), со програми адаптирани на возраста на публиката – информира Гламчевски.
Програмата ќе вклучи сесии за прикажување кратки филмови проследени со дебати, разновидни филмови по форма и по содржина, од различно географско потекло, како и долгорочни сесии, исто така адаптирани на возраста на публиката.
– Целта на овој фестивал е децата да се запознаат со светот на кинематографијата од друг агол, поинаков од оној на платформите, социјалните мрежи и телевизијата, и да им се помогне да го развијат своето критичко размислување. Тимот на фестивалот е присутен за време на проекциите и ги охрабрува децата да разговараат и да дебатираат. Со ова ги поттикнуваме младите да зборуваат, да ги слушаат другите, да даваат свои мислења и да ги споделат своите чувства и емоции – додава Гламчевски.
Филмовите што ќе се прикажат се внимателно одбрани од членовите на програмскиот тим на здружението, сите се со превод на македонски јазик, а проекциите се бесплатни.
































