Фото: Пиксабеј

Најмалку девет лица, меѓу кои осум деца, загинаа во денешната пукотница во средно училиште во Кахраманмараш, соопшти министерот за внатрешни работи Мустафа Чифчи.

Во нападот се повредени уште 13 лица, од кои шест се во критична состојба.

Според официјалните информации, 14-годишен ученик отворил оган во две училници, во втор ваков инцидент во Турција за само два дена.

Гувернерот на покраината, Мукерем Унлуер, изјави дека напаѓачот дошол во училиштето со повеќе парчиња огнено оружје и муниција, за кои се сомнева дека ги зел од својот татко, пензиониран полицаец.

Засега не е целосно јасно дали напаѓачот бил застрелан од полицијата или самиот си го одзел животот.

Министерот Чифчи оцени дека станува збор за „лично мотивиран инцидент“, додека околностите и мотивите се предмет на истрага.

Министерот за правда Акин Гурлек информираше дека седум обвинители се вклучени во истрагата и дека е воведена забрана за објавување детали од случајот.

Нападот се случува само еден ден по сличен инцидент во покраината Шанлиурфа, каде поранешен ученик рани 16 лица, по што изврши самоубиство.

Државните медиуми објавија дека напаѓачот е идентификуван, а неговиот татко е приведен на сослушување.

Властите воведоа и ограничувања за медиумско известување, апелирајќи да не се објавуваат вознемирувачки содржини.

По нападот, загрижени родители се упатија кон училиштето во округот Оникисубат, откако се проширија информации за пукањето.