Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски најави можност за дополнително намалување на цените на горивата во текот на следната недела, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со мерките за задржување на пониски даноци.

Тој истакна дека цените на дериватите се утврдуваат согласно законска формула и движењата на светските берзи.

– Очекувам дека најмалку ќе останат сегашните цени, а можно е и дополнително намалување веќе од понеделник – изјави Мицкоски.

Како што посочи, веќе е најавено намалување на безоловните горива за 1,5 денари по литар, а на дизелот за 2,5 денари, при што дополнително се применуваат попустите од ОКТА – 2 денари за бензините и 3 денари за дизел горивото.

Премиерот информираше дека Владата донела одлука за продолжување на кризната состојба, како и за задржување на намалената стапка на ДДВ од 10 отсто, наместо 18.

– Ќе донесеме мерка за да го задржиме нивото на ДДВ на 10 проценти. Во зависност од цените на берзите, ќе се коригираат и акцизите – рече Мицкоски.

Во однос на договорените попусти со ОКТА, тој посочи дека тие ќе важат најмалку до крајот на април, а се водат и разговори за дополнително намалување на цената на дизелот.

– Преговараме за уште еден денар по литар за дизел горивото – додаде премиерот.

Тој нагласи дека Владата внимателно ги следи цените на нафтата на светските пазари, кои во моментов се движат околу 90-91 долар за барел, и врз основа на тоа ги креира мерките за заштита на стандардот на граѓаните.