Фото: Рафаел Гроси-фејсбук

Секој евентуален договор меѓу САД и Иран мора да вклучува строги механизми за контрола и проверка на нуклеарната програма, предупреди Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Како што пишува „Асошиејтед прес“, директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, нагласил дека договорот мора да содржи „многу детални“ механизми за верификација на нуклеарните активности на Техеран.

– Без строга и сеопфатна инспекција, не може да се гарантира дека програмата е исклучиво мирољубива – предупредил Гроси.

Тој посочил дека Иран сè уште не дозволува целосен пристап до одредени нуклеарни објекти и не ги објавува целосно податоците за своите залихи на ураниум, што дополнително ја зголемува загриженоста на меѓународната заедница.

Според проценките на агенцијата, Иран располага со значителни количини збогатен ураниум, што го прави клучно редовното и детално следење на состојбата.

Предупредувањето доаѓа во време кога се водат дипломатски напори за обновување на разговорите меѓу Вашингтон и Техеран, а меѓународните институции инсистираат на силен надзор како предуслов за секој договор.