Драго ми е што после подолго време доаѓаат добри вести за Македонска пошта. Да потсетам, ова беше институција од која што предходната влада беше откажана. Ова беше институција за која што се спремаа физибилити студии за продажба и за приватизација. Како резултат на тоа, претходниот генерален секретар на владата беше правосилно осуден, а за други се водат судски постапки, изјави на денешниот настан, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот Орхан Куртиши ги промовираа новите возила за Пошта.
-Сега работите се менуваат и времињата се менуваат. Го гледате првиот голем чекор, а тоа е како да го подобриме начинот на фунционирање на Пошта. Тој е преку една сериозна поддршка од Владата, каде што се набавени 100 возила, од коишто 90 се мали комерцијални возила или популарно наречени пикапи, а 10 се големи комерцијални возила или комби. Малите возила се со носивост од 750 килограми, додека големите се со носивост од 1.800 килограми и ќе помогнат многу во забрзувањето на доставувањето на пратките, што е основната дејност на Пошта – информираше Николоски, пренесе МИА.
Она што сум особено горд, додаде тој, е што од проценета вредност од 130 милиони денари без ДДВ, на електронска аукција цената се намали за цели 25 милиони денари, што значи, нагласи, дека заштедивме некаде над 400.000 евра само при оваа јавна набавка.
– Финалната цена е 104 милиони денари без ДДВ, што прави да ова е најевтина набавка на овој тип на возила реализирани во државата, некаде просечно доаѓа околу 15-16.000 евра по возило, што е далеку најевтино од она што може да се најде на пазарот. Имајќи предвид дека возниот парк на Македонска пошта е застарен, оваа набавка на возила е неопходна и заради извршување на основната дејност на Акционерското друштво, а тоа е давање на универзална поштенска услуга – дециден беше Николоски.
Целта е, како што истакна, да се зголеми квалитетот.
– Нашата цел е во идниот период да го зголемуваме квалитетот, работиме заедно со раководството на Пошта на подобрување на ефикасноста во испораката на услугите и намалување на трошоците за 15 проценти, како и подобрување на индикаторот за профитабилност за дополнителни 15 проценти. Во следниот период очекуваме да се набави софтвер за Македонска пошта, како и сортирка која што во регионот воопшто ја нема и ќе значи дека Поштата ќе е најмодерна поштенска институција во целиот регион – истакна Николоски.
Она што исто така е значајно и е за поздравување е дека Македонска пошта, нагласи тој, без разлика што пазарот е либерализиран, е единствената институција која што врши универзална услуга, што значи без разлика дали се работи за најголема пратка или за најмало писмо, кое што од Скопје треба да стигне во најмалото село во државата, тоа го прави Пошта и тоа е за поздравување.
– Тоа не секогаш може да е профитабилно и најчесто не е профитабилно. Најголем дел од државите во Европа го имаат решено со субвенции што директно Владата ги дава на државните пошти, ние се уште гледаме Македонска пошта со своите приходи да опстојува и работи. Сигурен сум дека со овие инвестиции кои што ги правиме, како и со инвестициите кои што доаѓаат во следниот период, ќе продолжат добро да работат, ќе продолжат добро да функционираат – рече Николоски.

































