Фото:МИА

Лидерите на Меѓународен монетарен фонд, Светска банка и Меѓународна агенција за енергија предупредуваат дека војната на Блискиот Исток има силно и нерамномерно влијание врз глобалната економија, пренесува „Ројтерс“.

Во заедничко соопштение по состанокот во Вашингтон, трите институции посочуваат дека конфликтот веќе предизвикал раст на цените на нафтата, гасот и ѓубривата, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на храната и стабилноста на пазарите.

– Војната има нерамномерни ефекти, при што најсилно се погодени земјите кои зависат од увоз на енергија – предупредуваат од институциите.

Според нив, нарушувањата на пазарот доведоа до сериозни притисоци врз глобалните синџири на снабдување, додека неизвесноста околу поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина дополнително ја влошува ситуацијата.

– Дури и по нормализирањето на транспортот, ќе биде потребно време глобалните резерви да се стабилизираат, а цените на енергенсите и ѓубривата може да останат покачени подолг период – велат оттаму.

Институциите предупредуваат дека недостигот на клучни ресурси може да има последици врз повеќе сектори, вклучително и енергетиката и прехранбената индустрија.

Дополнително, конфликтот довел до раселување на население, губење на работни места и пад на туризмот, што создава дополнителен притисок врз економиите, особено во посиромашните земји.

ММФ и Светската банка најавуваат дека ќе продолжат да ја следат состојбата и да обезбедуваат финансиска поддршка за најпогодените држави, во координација со меѓународните партнери.