Од бележникот на писателката Лина Димоска
Оваа година на мачорот Тане му беше прв Велигден заедно со неговото семејство. Воочуваше дека нешто се подготвува, но никако не успеваше да открие за што станува збор. Тато Бране веќе неколку дена со ред постојано одеше на пазар и се враќаше со полни торби овошје, зеленчук и јагнешко мевце. Мама Маја правеше секакви слатки и соленки. На Калин му купија нова пролетна облека, во која планираа да го облечат за празникот. Во четвртокот, уште пред да изгрее сонцето, мама Маја се разбуди и истрча во кујната. Во големо тенџере раствори црвена боја и брцна едно јајце, кое по неколку минути стана црвено како крв. Целата радосна и насмеана излезе на терасата и таму го остави јајцето.
– Зошто го направи тоа, мама Маја? – Љубопитно праша Тане, целиот успан бидејќи вревата во кујната го разбуди.
– Таков е обичајот, Тане. – Му објаснуваше мама Маја. – Првото велигденско јајце треба да биде црвено како крв и да се извади надвор, за да го огрее првиот сончев зрак. – Тане се замисли и веднаш истрча во кујната. Гледаше како од тенџерињата, полни со разни бои, мама Маја вадеше црвени, сини, зелени, жолти и виолетови јајца. Ох, колку само беа убави. – Утре, ние ќе отидеме в црква, а в недела, ти, заедно со тато Бране и со Калин, ќе прошеташ кај роднините, кај пријателите и кај соседите, за заедно да го прославиме Христовото раѓање. Јас ќе останам дома, да чекам гости и да им дадам шарено јајце.
Така и бидна, во неделата, штом луѓето се вратија од црква, сите убаво дотерани, го разбудија мачорчето и му ставија на вратот нова сина панделка, во која изгледаше како да е уште позгоден. Задоволен од новата панделка, Тане на сите им подари неодолива мачешка насмевка.
– Калин, земи ја кошницата и да тргнеме. – Предложи тато Бране. Калин донесе сламена кошница за јајца.
– Ќе отидеме кај дедо Цане, кај баба Наде и кај соседот Димо! – Се израдува Калин. Тане со голема радост тргна по луѓето. Сите тројца одеа од куќа в куќа. Ги поздравуваа луѓето со поздравот: „Христос воскресе!“, а домаќините им возвраќаа со: „Навистина воскресе!“ Тане избра сино и виолетово јајце, а најомилени му беа црвените. Кога се вратија дома, ги чекаше прекрасен ручек, од салата од младо лукче и кромитче и чорба од јагнешки џигерчиња. Од чорбата, секако, имаше порција и за мачорот Тане. Штом убаво се наручаа, Калин избра едно црвено јајце, прошарано со листови од детелина, и предизвикувачки седна на креветот.
– Ајде Тане, избери си едно јајце, па да се кршиме. – Тане се замисли. Ѕирна во кошницата со јајцата и избра јајце црвено како крв. Калин го држеше своето јајце во детското дланче и му рече на Тане: „Ајде, удри со врвот од твоето јајце“. – Тане убаво ги стегна мачешките нокти и удри во јајцето на Калин, а тоа целото распука.
– Победив! – Среќно извика Тане. Го грабна јајцето и излезе надвор, меѓу своите мачешки пријатели. Мудирот Астор, белиот мачор Жаре, па дури и бандата црни мачки, сите држеа по едно бојадисано јајце во мачешките шепи. – Да се кршиме! – Предложи Тане. Мачките среќно удираа во јајцата, а тие, едно по едно, распукуваа. Цело остана само јајцето на мачорот Тане.
– Си избрал кршаче. – Го пофали мудриот Астор.
– Ова јајце сигурно е од кокошките на дедо Цане. – Се фалеше Тане. Знаеше дека го избрал најсилното велигденско јајце.
За авторката
Лина Димоска е родена на 6 септември 1995 година во Прилеп, каде што живее, работи и твори и денес. Има објавено една книга за деца, збирката раскази „Мачорот Тане“, во издание на „Светулка“, со илустрации од Калиопи Трпчева. Во рамките на здружението ЗОКУМ организира настани за деца, меѓу кои гостувањето на српскиот поет Власта Н. Цениќ и конкурсот за деца по повод 110-годишнината од раѓањето на Волче Наумчески, „Кој не сака полет?“. Редовен гостин е во прилепските училишта, каде што ги презентира расказите за мачорот Тане и заедно со наставниците организира различни работилници. Оваа година треба да излезе нејзината втора книга за деца, која е продолжение на расказите за мачорчето. Пишува и за возрасни и има објавено две книги. Добитничка е на признанието „13 величествени“. Сценаристка е на перформансот за деца „Патот на новогодишната елка“ и учесничка е во перформансот „Сончева патека“ во рамките на Детската зона на 69. МТФ „Војдан Чернодрински“.
































