Книгата и видеоесејот „Наследство (или сè што оставаме зад нас)“ на уметницата Ивана Сиџимовска, промовирани деновиве, се проект што отвора простор за размислување за тоа што сѐ оставаме зад себе и како и дали се презема одговорност за тоа наследство денес. Преку материјални траги, доживеани искуства, биографски наративи и архивски документи, видеоесејот размислува за токсичноста на етнонационалистичките системи и потребата од неидентитетски практики.
Заедно со наративите на граѓаните во врска со војната и етничкиот конфликт во Македонија од 2001 година – особено оној на млада Албанка што сведочи за трансформациите на идентитетот надвор од границите на мултикултурализмот промовиран од државата – делото ја следи и историјата на поранешната амбасада на кралска Југославија во Берлин. Зградата изградена за време на нацистичката ера на експроприраното место на вилата „Менделсон-Бартолди“ најпрвин го вдомила писателот и добитник на Нобелова награда, Иво Андриќ, кој се обидувал да ја спречи својата земја да стане дел од фашистичките сојузи. Преку трансформирање на личното во универзално, проектот ја доведува во прашање одговорноста за создавање и пренесување на наследството – материјално, културно, јазично, вонинституционално или приватно на начини што овозможуваат замислување и градење поправедни и инклузивни општества.
Публикацијата, пак, претставува збир на серија интервјуа што ги документираат личните искуства, сеќавањата и размислувањата на луѓе од различни етнички и социјални средини во Македонија. Интервјуата се дел од проект за усна историја и имаат цел да ги зачуваат живите приказни на поединци, чиј глас често останува незабележан.
































