Официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на граничниот премин Ќафасан спречиле влез на пратка од над 10 тони јагнешка кожа со потекло од Албанија, која требало да транзитира низ земјава, пренесе МИА.
Како што информираат од АХВ, пратката е вратена во согласност со превентивните мерки за заштита од ширење на болеста чума кај мали преживари, која моментално е присутна во соседна Албанија.
Од Агенцијата нагласуваат дека случајот е откриен во рамки на засилените контроли на граничните премини, со цел спречување на потенцијални здравствени ризици.
Со оваа постапка, АХВ уште еднаш ја потврдува својата улога во заштитата на јавното здравје, безбедноста на храната и домашното сточарско производство.


































