Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ

  • Трофејот на нациите е дел од поширока долгорочна стратегија за обезбедување одржлив развој на ракометот од основно до елитно ниво, пишува ИХФ

Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) воведува ново натпреварување, Трофејот на нациите, ново сениорско натпреварување што ќе биде значаен чекор во континуираната посветеност на развојот на спортот на секое ниво и во секој агол од светот, објави ИХФ.
– Ова натпреварување е една од клучните иницијативи вклучени во четиригодишниот план на ИХФ од 2025 до 2029 година, нагласувајќи ја стратешката визија на Федерацијата да обезбеди структурирани меѓународни патеки за натпреварување за сите федерации-членки во секоја возрасна категорија – пишува Интернационалната ракометна федерација.

По многу години успешна имплементација на Трофејот низ целиот свет, прво во јуниорската, а подоцна и во младинската категорија, програмата одигра одлучувачка улога во помагањето на националните федерации да ги изградат темелите на своите национални тимови и да развијат тренери и судии. Откако внимателно го оцени напредокот и ги проучи најефикасните методи за понатамошно поттикнување на проектот, ИХФ сега го направи природниот следен чекор, проширување во сениорската категорија, пишува ИХФ.
– Ова проширување е водено од три основни цели: затворање на постојниот круг на Трофејот каде што младинските и јуниорските натпревари се веќе добро воспоставени, обезбедување значајно меѓународно натпреварување за сите федерации-членки што не се натпреваруваат редовно на светската сцена и зајакнување на континенталните првенства со зголемување на бројот на екипи учесници. Трофејот на нациите има цел и да го крене нивото на тренирањето и судењето на глобално ниво, а и да ѝ даде можност на секоја национална федерација да биде домаќин на меѓународен настан на ИХФ и да ги развие своите организациски капацитети. Трофејот на нациите е дел од поширока долгорочна стратегија за обезбедување одржлив развој на ракометот од основно до елитно ниво. Клучен спортски услов е националните федерации што се пласирале на две од претходните три светски првенства повеќе да немаат право да учествуваат на Трофејот на нациите, со што се осигурува дека натпреварувањето останува фокусирано на земјите во развој. Ако федерацијата што претходно не била подобна не успее да се пласира за две последователни светски првенства, таа ќе стане подобна повторно да влезе во програмата. По вториот циклус, најмалку 30 насто од спортистите во секоја селекција мора претходно да играле за Трофејот на младинско или јуниорско ниво, зајакнувајќи го континуитетот на пошироката патека за Трофејот – пишува ИХФ.

ИХФ ќе ги поддржи патните трошоци на сите федерации учесници, а финансиски здравите федерации ќе ги покријат своите трошоци. ИХФ ќе им помогне на организаторите со локален превоз, опрема за пренос (три камери), производство на трофејот и медалите и евентуални трошоци за изнајмување на салите, ќе ги покрие трошоците за сместување на селекциите, како и патните и дневните трошоци за учество на победниците од Африка, Азија и од Јужна и Централна Америка за да играат на соодветните континентални првенства.

Во Африка, победникот на секоја од шесте зони ќе добие место на Африканското првенство, директно зголемувајќи го бројот на учесници на едно од водечките натпреварувања на континентот. Во Азија, победниците на шесте зони ќе се пласираат на Азиското првенство. Во Јужна и во Централна Америка најдобрите две селекции од секоја од двете зони ќе се пласираат на Првенството на Јужна и Централна Америка. Од Северна Америка и Карибите и од Океанија, секоја национална федерација ќе биде поканета да учествува, а турнирот ќе служи и како континентално првенство. За Европа, точните детали за условите за учество на репрезентациите треба да бидат објавени, пишува ИХФ. Н.М.