Театарско напуштање на „зоната на удобност“

  • Фактот дека „Амадеус“ на Александар Поповски е првата гостувачка претстава на престижниот СНГ од Марибор кај нас по повеќе од 20 години го отвора прашањето за отсуството на динамика на гостувањата на нашата театарска сцена и не доволното присуство на битни режисерски имиња и актуелни продукции, кои ќе понудат различна театарска естетика. Ваквите посети не се само „екскурзии“ на ансамблот туку и можност за размена на идеи, естетика и енергија, затоа што театарот лесно може да стане херметички затворен ако се потпира само на домашните продукции

Гостувањата не се само уметнички настан туку и огледало, во кое МНТ ги проверува сопствената позиција и капацитет да биде дел од поширокиот современ европски театарски контекст, рече директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, во пресрет на серијата гостувања во рамките на роденденското одбележување 81 година МНТ. Прво од овие гостувања беше на Словенечкото народно гледалиште од Марибор, со извонредната претстава „Амадеус“ од наградуваниот Питер Шафер, а во режија на меѓународно признаениот македонски режисер Александар Поповски, на кое имав можност да присуствувам. Салата беше полна до последното место, што укажува на желбата на македонската публика да ја види секоја нова продукција на еден од нашите најдобри режисери, но истовремено и на потребата да се види до каде е и што нуди театарската сцена во регионот во моментов.

Фактот дека ова е првата претстава на престижниот СНГ од Марибор изведена кај нас по повеќе од 20 години го отвора прашањето за отсуството на динамика на гостувањата на нашата театарска сцена и недоволното присуство на битни режисерски имиња и актуелни продукции, кои ќе понудат различна театарска естетика. Или, како што посочи и директорот на МНТ, „гостувањата не се програмски додаток или шминка, туку суштинска потреба за една национална институција“, додавајќи дека „ако МНТ сака да остане релевантен, не смее да постои во затворен културен круг, мора да комуницира, да се компарира со други естетики и други сценски јазици“. Во рамките на прославата на годишнината на МНТ во програмата беа и монодрамата „Безгрешна“, според драматизација и адаптација на Ливија и Томаж Пандур, исто така на мариборскиот театар, и „Другата страна“ во режија на Борис Лијешевиќ на Црногорското народно позориште…

Освен на фестивалските театарски случувања, ретко имаме можност во редовната програма на домашните театарски институции да видиме и понекоја странска продукција, иако неоспорно е дека гостувањата, енергијата, различните погледи на истиот текст… се исклучително важни, прво за секој театарски творец, бидејќи тоа е можност да се потврди универзалноста на темите што ги обработува претставата, и второ за публиката, затоа што колку подалеку одите од матичната сцена каде што е создадена една претстава, толку е поголем предизвикот за размена. Гостувачките претстави се клучни за ширење на влијанието надвор од домашната сцена, давајќи можност за тестирање на работата во нова средина и носат свежи перспективи за истиот текст или содржина. Турнеите се неопходни за раст, уметнички развој и поврзување со поширока публика. Ваквите посети не се само „екскурзии“ на ансамблот туку и можност за размена на идеи, естетика и енергија, затоа што театарот лесно може да стане херметички затворен ако се потпира само на домашните продукции. Турнеите се важни прво заради проверка на уметничката релевантност – кога гледаме странски ансамблот излегуваме од „зоната на удобност“, домашната публика често реагира врз основа на навика или локален контекст, па гостувачките претстави се како прозорец кон светот. Воедно, кога публиката гледа врвни светски продукции, таа станува попребирлива и построга кон својот локален театар, што долгорочно води во зголемување на квалитетот на продукциите.

Најголемата опасност за секој театар е стагнацијата, затоа е толку битна оваа размена на искуства. Без гостувачки претстави, театарот ја губи својата основна функција – да биде жив и актуелен дијалог со светот.

Театарот е простор каде што се создава уметност, која трае исклучиво во моментот во кој се случува. За разлика од содржината што можеме да ја паузираме, премотуваме назад или повторуваме, театарската претстава постои само додека се одвива, помеѓу изведувачот и публиката, во споделено искуство што не може да се репродуцира. Неговата сила лежи токму во оваа минливост: секоја претстава е различна, секоја реакција е автентична и секоја средба е единствена. Затоа е и од исклучителна важност за домашните театарски творци, еднакво како и за публиката, да имаме можност за вакви искуства многу почесто. И конечно, со зголемување на бројката на гостувања на странски ансамбли, домашниот театар избегнува да влезе во стапицата да го мери својот успех само според локалните стандарди.