Израел ја поддржува одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за двонеделна суспензија на нападите врз Иран, но нагласува дека примирјето не се однесува на Либан – соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Според соопштението, Израел го поддржува потегот на САД под услов Техеран веднаш да ја отвори Ормуската Теснина и да ги запре нападите врз САД, Израел и другите земји во регионот.
Од Тел Авив истакнуваат дека ја поддржуваат и американската иницијатива за осигурување дека Иран повеќе нема да претставува нуклеарна, ракетна или безбедносна закана за регионот. Воедно, додаваат дека Вашингтон останува посветен на заедничките цели во претстојните преговори.
Во меѓувреме, Иран најави дека разговорите со САД ќе започнат на 10 април во Исламабад.
Иако претходно имаше информации дека договорот би можел да вклучи и прекин на израелските операции во Либан, израелските власти јасно ставија до знаење дека тие активности продолжуваат.
Израелската офанзива во Либан досега однесе најмалку 1.500 животи и предизвика раселување на околу 1,2 милиони луѓе. Конфликтот ескалираше откако милитантната група Хезболах започна ракетни напади врз Израел, по што следуваше израелска копнена и воздушна офанзива.
































