Фото: МИА

Апелационен суд Скопје ја укина првостепената пресуда против Лидија Димова, поранешна директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, и предметот го врати на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје.

Одлуката е донесена по јавна седница одржана на 11 март 2026 година, при што судот ги уважи жалбите и на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на обвинетата.

Според Апелација, пресудата е укината поради суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, особено во делот на утврдување на фактите. Судот оцени дека не било јасно за кои конкретни дејствија обвинетата е прогласена за виновна, а за кои е ослободена.

Во образложението се наведува дека е неопходно прецизно да се утврди дали со дејствијата на обвинетите е стекната противправна имотна корист, во кој износ и дали таа е од поголема или значителна вредност, што е клучно за правилна правна квалификација на делото.

Апелациониот суд оцени дека овие пропусти довеле до нецелосно утврдување на фактичката состојба, поради што првостепената пресуда не може да опстои и предметот мора повторно да се разгледа.

Претходно, во септември минатата година, Основниот кривичен суд Скопје ја прогласи Димова за виновна за злоупотреба на службена положба и овластување и ја осуди на две години затвор. Таа беше задолжена да плати и судски трошоци, како и да надомести штета од над 22 милиони денари на Националната агенција.