Првообвинетиот, со намера да одбегне целосно или делумно плаќање данок како давачка на која бил законски обврзан, во годишните даночни биланси доставени до Управата за јавни приходи, дал лажни податоци за своите приходи и за приходите на правните лица. Двајцата службеници вработени во УЈП, давајќи му совети и упатства и отстранувајќи ги пречките за извршувањето, со умисла му помогнале во извршување на кривичното дело Даночно затајување. На тој начин во име и за сметка на кривично одговорните правни лица, првообвинетиот не пресметал и не платил данок од значителна вредност во вкупен износ од 16.782.519 денари – се вели во соопштението.
Од ОЈО велат дека останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со цел неосновано да побараат враќање на данок во име и за сметка на нерезидентни прави лица што немаат седиште во РСМ, но плаќаат ДДВ за услуги остварени во земјата, го довеле во заблуда даночниот орган давајќи лажни податоци во поднесените даночни пријави, за враќање на данокот на додадена вредност во име и за сметка на правните лица со што го оштетиле буџетот во износ од 33.620.551 денари.
– Дополнително, во истиот период, дел од обвинетите со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства во вкупен износ денари 401.227.898 денари. Со Обвинителниот предлог се опфатени службени лица од Одделение за регистрација и утврдување на даноци при УЈП – Регионална дирекција Скопје. Обвинетите со умисла извршиле две или повеќе временски поврзани дејствија и со намера да прибават за друг значителна имотна корист или на друг да му нанесат значителна имотна штета, искористиле исти прилики и не ја извршиле својата службена положба и овластување. Со своите дејствија по поднесени барања за враќање на ДДВ преку полномошниците – обвинетите правни лица прибавиле имотна корист во вкупен износ од 349 652 595 денари и за истиот износ нанеле штета на Буџетот на РСМ. Десет лица се обвинети дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување, додека едно лице дека сторило кривично дело Фалсификување исправа – се вели во соопштението на обвинителството.
Обвинителството, ценејќи дека не се изменети околностите врз основа на кои на седуммина обвинети им е определена мерка притвор, до судот доставило и предлог за продолжување на мерката.
– Дополнително ОЈО ГОКК достави предлог за конфискување на движен и недвижен имот од осомничените во висина на предизвиканата штета на буџетот, како и одземање на предмети употребани за извршување на кривично дело. Во текот на постапката преку меѓународна правна помош е замрзнат имот и сметки на првоосомничениот, па согласно меѓународното право конфискацијата по завршување на постапката ќе се бара од српските власти – информираат од ОЈО.


































