Фотографии: од приватната архива на Тони Коцев

Премиера на претстава за деца во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци

  • Текстот за претставата „Шумарот волшебник“ го напишал мојот дедо пред 30 години, како и стиховите на песните што ги отпеал и снимил, а на сцената на домот на културата во Кавадарци дури трипати ја поставил претставата. Всушност токму во оваа претстава јас како многу мал го имав своето деби на театарската сцена во улогата на Сонцето, која дедо ми ја допиша само за мене, вели режисерот Александар Видиков

Како и во секоја детска бајка во која главните ликови доживуваа многубројни авантури во борбата меѓу доброто и злото, и во претставата „Шумарот волшебник“ имаме разгалена и вообразена принцеза, лоша вештерка, шумар… Тука се и прекрасните мали балерини што танцуваат на музиката на детските песнички за пролетта. Сите тие уште од првиот миг ја освоија публиката, која претежно ја сочинуваа дечиња, на премиерата што се случи на 2 април во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.
Режијата на претставата е на Александар Видиков, а работена е според текст на неговиот дедо, познат актер во кавадаречкиот театар, Александар Видиков-Лавот, и претставува прво негово режисерско крштевање на театарската сцена.
– Текстот за претставата „Шумарот волшебник“ го напишал мојот дедо пред 30 години, како и стиховите на песните што ги отпеал и снимил, а на сцената на домот на културата во Кавадарци дури трипати ја поставил претставата. Всушност токму во оваа претстава јас како многу мал го имав своето деби на театарската сцена во улогата на Сонцето, која дедо ми ја допиша само за мене. Јас го чував тој текст и оваа година кога одбележувам свој личен јубилеј, пет години театарска дејност со 10 премиери, со оживувањето на претставата „Шумарот волшебник“ сакав да одбележам и пет години од смртта на дедо ми, чие име го носам. Со огромна поддршка на домот на културата, заедно со ентузијазмот на актерите Михаела Костова, во улогата на принцезата, Сашко Орешков – Вештерката, Верица Костова – Пролетта, и јас во улогата на Шумарот, како и специјалните гости од танцовото студио „Старс“ од Кавадарци, успеавме да го реализираме проектот – вели режисерот Александар Видиков.
Покрај едукативната порака, претставата ја красат и ја одделуваат од другите пиеси за деца прекрасните песнички во фолклорен ритам со едноставни стихови во рима, кои веднаш ја освоија публиката. Токму тоа што режисерот со првото свое застанување на театарската сцена го освоило и го придобило и му дало ветер во грб, сега тој ѝ го приредува на најмладата театарска публика во родниот град.
Како што вели Александар, за него театарот е начин на живот и прекрасна можност да се избега од реалноста.
– На театарските штици имаме можност да се исклучиме од секојдневието и преку магијата што само театарот може да ни ја даде да бидеме некој друг, толкувајќи улога на некој лик. За тоа искрено му се заблагодарувам на мојот дедо, кој уште како мал ми ја пренесе љубовта кон театарот – вели тој.
Доказ за големиот интерес за претставата е податокот дека за наредните осум претстави билетите се веќе распродадени, а ќе имаат можност да ја видат децата од градинките и од одделенската настава од сите основни училишта во Кавадарци. Договорени се уште неколку гостувања во други градови во Македонија.

Ми.М.