Педесет години Меморијал „Чајка“
- Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“ ќе се одржи денеска во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово, а од годинава ќе биде официјално и Суперкуп на Македонија
Јубилејното 50. издание на еден од најстарите и најконстантни турнири во календарот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, ќе се одржи денеска во салата на ДСЕУ „8 Септември“ во Тетово, во организација на семејството на одбојкарската легенда Хаџииљоски, како и ОФМ.
– На мое огромно задоволство дојдовме до јубилејното издание на турнирот. Големо задоволство за мене е што годинава турнирот е во Тетово каде што изворно почна да се одржува, меѓутоа последните десетина години овој турнир беше ставен во функција на одбојкарските репрезентации на Македонија и се одржуваше на различни места. Годинава заедно со претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, и со генералниот секретар, Филип Деспотовски, договоривме турнирот од годинава да биде официјално и Суперкуп на Македонија, а го правиме во чест на мојот покоен татко и секогаш ќе се одржува пред почетокот на сезоната. На него досега учествувале многу репрезентации и клубови и се надевам дека и годинава ќе присуствуваме на квалитетни мечеви меѓу најквалитетните екипи во Македонија во машка и во женска конкуренција – рече синот на легендата Ивица Хаџииљоски, пренесе ОФМ.
ОФМ се гордее што е една од ретките федерации што може да се пофалат со еден ваков голем јубилеј и константност на еден настан во својот календар.
– Самата импозантна бројка кажува сѐ. Турнир со голема традиција и додадена вредност во спортот. Најдобро за тоа говорат сите екипи и играчи што во изминативе 50 години биле дел од овој турнир. На последното ЕП имаше тројца-четворица одбојкари што настапувале на турнирот, а сега се едни од носителите на играта во своите репрезентации и најдобри играчи на светот, а претходно биле наградувани и на овој турнир – рече Јовановски, пренесе ОФМ.
Организаторите му доделија благодарница на министерот за спорт Борко Ристовски за поддршката и на одбојката, но и на овој традиционален турнир.
– Особено ми е драго што последниве години имаме одлична соработка со раководството на ОФМ и сите оние работи што ги правиме заеднички за раздвижување на одбојката добиваат некој нов терк и таа повторно зема замав. Овој турнир и давањето значење тој да биде и Суперкуп на Македонија е уште една потврда дека ОФМ има план заедно со семејството Хаџииљоски во интерес на одбојката и на одржување на традицијата. Педесет години да организирате ваков турнир е импозантна бројка и ние како држава, како Министерство за спорт и како влада секогаш сме тука да дадеме поддршка и да помагаме за сѐ што можеме и да излеземе во пресрет. Вакви настани и вакви јубилеи не покажуваат само еден Суперкуп туку покажуваат нешто многу повеќе, покажуваат посветеност на семејството, љубов кон одбојката и кон спортот. Ние како Министерство за спорт и јас лично, како поранешен спортист и сега како министер за спорт, знам да го ценам тоа и секогаш ќе бидам пријател на луѓето што се вистински љубители на спортот. Тетово ќе биде градот каде што ќе се случуваат убави работи, каде што ќе се промовираат одбојката и Македонија како држава во која се промовираат спортот и вистинските вредности – рече Ристовски, пренесе ОФМ.
Суперкупот ќе почне со машкиот меч помеѓу освојувачот на двојната круна, Штип УГД, и финалистот во плејофот и во Купот, ГОК Борец, во 17 часот, а женскиот Суперкуп е помеѓу шампионот Работнички Скопје и освојувачот на Купот, ЖОК Вардар ЕМ, од 19.30 ч. Влезот во салата ќе биде слободен. Г.И.
































