Фото: „Нова Македонија“

Клучни и влијателни сојузници во НАТО, како што се Велика Британија, Франција и балтичките земји, беа изоставени од состанокот на Алијансата, планиран за следниот месец во Полска. Според „Свиден хералд“, на планираниот состанок треба да се разговара за иднината на Алијансата. Токму потегот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да бидат изземени некои земји на Алијансата (од поканата на еден клучен состанок за иднината на НАТО) предизвика бран остри критики во рамките на Алијансата и отвори голем број дипломатски прашања.
Земјите членки на НАТО се загрижени поради поделбите, бидејќи САД планираат да ги одржуваат идните состаноци „само со избрани поканети земји“. Овој состанок, организиран под надзор на Пентагон, служи како работна група насочена кон обликување на иднината на НАТО. Од друга страна, земјите што се поканети/учеснички (засега се Норвешка, Шведска, Финска, Полска, Германија и Холандија) го бранеа состанокот, сметајќи го за „двигател на трансформацијата“ и како „форум за создавање иновативни идеи“. Во меѓувреме, се очекува Данска дополнително да се приклучи, врз основа на постојните заеднички воени договори.
– Се обидуваме да разбереме кои критериуми постојат и која е целта на овие состаноци – изјавил за јавноста (изјава во „Политико“) дипломат од една од земјите членки на НАТО што не е поканета на претстојниот состанок во Полска следниот месец.
Состанокот е продолжение на таканаречениот формат од Берген, именуван според градот Берген во Норвешка, каде што заменикот на американскиот секретар за одбрана, Елбриџ Колби, летово се состана со претставници на Германија, Холандија, Шведска, Финска и на Полска за да разговараат за прашања поврзани со иднината.
Земјите што не биле поканети сега се загрижени дека САД ја „расцепуваат“ Алијансата и предупредуваат на последиците.
– Тоа е опасно за Соединетите Американски Држави – но е егзистенцијално прашање за Европа“ – изјавил истиот неименуван дипломатот за медиумот „Политико“.
Европски дипломати предупредуваат дека обидот членките на НАТО да се поделат на „добри“ и „лоши“ држави го загрозува единството на Алијансата, како и самиот нејзин опстанок, и тоа во клучен историски момент. Тие зборуваат за деструктивна политика на „фаворизирање“ и т.н. кронизам (давање предност на блиски пријатели и соработници н.з.).


Осврт кон поводот:

НАТО и Европа во два блока:
Кој седи во горниот дом, а кој е само извршител на политиките?

На хартија, НАТО сè уште е алијанса на членки со еднакви права (и обврски). Сите членки седат околу иста маса, сите имаат право на глас, а одлуките во Северноатлантскиот совет се носат со консензус. НАТО дури експлицитно нагласува дека секоја членка има еднакво право да го искаже својот став и да учествува во консензусот. Но меѓународната политика никогаш не се водела само според правилата напишани на хартија.

Од формалната еднаквост кон неформалната хиерархија на моќта

Но она што и многупати го пишувавме досега, се потврдува уште еднаш. Она што како прашање се отвора во НАТО во 2026 година е многу суштинско, а тоа е дали еднаквоста во формалното членство сè уште значи еднаквост во креирањето на стратегијата?
Токму во тој контекст станува интересна, па и вознемирувачка, информацијата што ја објави „Политико“, а која за читателите на Нова Македонија ја пренесовме погоре и ни беше повод за новинарскиот осврт што следува во продолжение.
Имено, Пентагон за крајот на октомври подготвува состанок во Полска за иднината на НАТО на кој не се поканети Велика Британија, Франција и балтичките држави. Средбата ја организира заменик-секретарот за одбранбена политика на Пентагон, Елбриџ Колби, а во претходните средби во форматот што веќе го нарекуваат „Бергeн група“ учествувале Полска, Германија, Норвешка, Шведска, Финска и Холандија. Вашингтон вели дека „станува збор за работна група што треба да подготви идеи што потоа би можеле да го повлечат целото НАТО напред“. Но самата архитектура на состаноците отвора едно друго прашање, односно ако сите се сојузници, зошто за иднината на сојузот прво разговараат само некои? Тоа прашање е поважно од самиот список на поканети и непоканети.
– Можеби не гледаме распаѓање на НАТО, но можеби сме сведоци на нешто посуптилно, а тоа е негова трансформација од сојуз на еднакви членки во сојуз со различни концентрични кругови на политичка, воена и индустриска тежина – вели наш соговорник, дипломат од кариера.

НАТО 2.0: Промена на политичката геометрија на Алијансата

НАТО во својата класична форма е релативно едноставен концепт. Американската воена моќ го обезбедуваше столбот, европските сојузници обезбедуваа територија, политичка легитимност и постепено растечките воени капацитети, а сите заедно ја бранеа основната идеја дека „напад врз една членка е напад врз сите“. Но тој модел очигледно почна да се менува.
– На самитот во Хаг во 2025 година, сојузниците прифатија цел од 5 отсто од БДП за одбранбени и безбедносни потреби до 2035 година, при што најмалку 3,5 отсто треба да одат за основните одбранбени потреби, а дополнителните 1,5 отсто за пошироки инвестиции поврзани со безбедноста. НАТО наведува дека европските сојузници и Канада во 2025 година ја зголемиле својата комбинирана одбранбена потрошувачка за речиси 20 отсто во реални износи во однос на 2024 година. А, да бидеме искрени, тоа не е само финансиска промена. Тоа е промена на политичката геометрија на Алијансата! Америка сè повеќе бара Европа да ја преземе одговорноста за сопствената конвенционална одбрана, а Европа, сакала или не, почнува да гради капацитети што порано ги добиваше во американскиот пакет како што е оружје, муниција, командни структури, воздушна и ракетна одбрана, логистика, разузнавање, индустриско производство – вели нашиот соговорник.
Официјалниот НАТО-документ од Анкара во јули 2026 година веќе зборува за „посилна Европа во посилно НАТО“, при што европските сојузници и Канада треба да преземат поголема одговорност за одбраната на Алијансата. Во истиот документ се констатира дека европските сојузници и Канада сега го финансираат најголемиот дел од безбедносната помош за Украина.
Уште позначајно е што НАТО во февруари 2026 година договори европските сојузници да преземат поголема командна одговорност. Обединетото Кралство ќе го преземе командувањето со Здружената сојузничка команда Норфолк, Италија со Здружената сојузничка команда Неапол, додека Германија и Полска ќе го делат командувањето со Здружената сојузничка команда Брунсум. Така трите главни оперативни командни структури на НАТО ќе бидат под европско раководство, додека САД ќе ги задржат трите главни компонентни команди и функцијата САЦЕУР (SACEUR). Значи, Америка се повлекува од дел од европската конвенционална одбранбена работа, но истовремено го задржува највисокиот дел од стратешката архитектура. Европа презема повеќе одговорност, но не нужно и целосно право да ја дефинира стратегијата. Токму тука се раѓа новата НАТО-хиерархија.

„Бергeн групата“ – лабораторија на новото НАТО

Според нашиот соговорник, дипломат од кариера со огромно искуство во меѓународните односи и дипломатија, „состанокот во Полска што доаѓа, можеби нема да форматира формална институција“. И токму затоа не треба да се преценува, но не треба ни да се потцени. Според информациите што ги објави „Политико“, во досегашните состаноци учествувале Полска, Германија, Норвешка, Шведска, Финска и Холандија, а Данска би можела да се приклучи. Од друга страна, Велика Британија, Франција и балтичките држави не се поканети на планираниот состанок во Полска.
Особено е интересен изборот на земјите. Тоа не е случајна географска група. Имено, тука се најголемата источна копнена сила на НАТО – Полска; најголемата континентална европска економија – Германија; нордиските држави со високи одбранбени амбиции; Холандија како важна економска, поморска и логистичка сила.
Со други зборови, се формира група на држави што имаат нешто што во идното НАТО станува сè повредно, а се разбира, тоа се пари, воена индустрија, инфраструктура, географска положба, сили и политичка волја да ги употребат. И тука се гледа новиот критериум на влијание, објаснува дипломатот.

НАТО има два неформални внатрешни блока

Според наш соговорник, генерал на АРМ во пензија, НАТО сега има интересна тенденција за внатрешна поделба на два блока.
– Првиот блок е оној формалниот. Таму се 32 членки. Сите се суверени. Сите имаат право на глас. Сите се дел од членот 5. Сите имаат право да учествуваат во одлуките на Северноатлантскиот совет. Но постои и втор блок. Невидлив во договорот, но многу реален во политичката практика и на терен. Таму се државите што можат да финансираат големи вооружени програми; да произведуваат муниција и оружје; можат да обезбедат воздушна одбрана; да испратат веднаш војска; да обезбедат логистика; да контролираат клучна инфраструктура; да придонесат со разузнавачки капацитети; да произведуваат сателитски и дигитални системи; да преземат командни функции; да носат политички ризик. И во таа втора табела не сите 32 членки се еднакви. Тоа не значи дека малите држави се безбедносно неважни. Напротив, балтичките држави се пример дека мала држава може да има огромно стратешко значење поради географијата. Но географското значење и политичката тежина не се секогаш исто нешто. И токму затоа исклучувањето на балтичките држави од работната група предизвикува толку нервоза во Алијансата. Естонскиот парламентарец Рајмонд Каљулаид јавно го оцени фактот дека Естонија не е на масата како негативен сигнал, додека други соговорници инсистираат дека форматот не е формален НАТО-механизам. И тоа е суштината на новата појава. Можеш формално да бидеш во собата, а суштински да не бидеш во просторијата каде што се создава идејата – вели нашиот соговорник, поранешен активен генерал во АРМ.

НАТО се приближува до моделот на ЕУ

Европската Унија одамна е запознаена со концептот на „диференцирана интеграција“. Тоа не е нова идеја. Европскиот парламент одамна ги користи термините „диференцирана интеграција“, „Европа со променлива геометрија“, „Европа со повеќе брзини“ и „Европа по избор“. Причината е едноставна, а тоа е дека не сите земји членки учествуваат со ист интензитет во сите европски политики. Ако концептот се претвори во политичка реалност, Европа би можела да изгледа како низа концентрични кругови. Во највнатрешниот круг би биле државите што имаат капитал, индустрија, воена сила, политичка волја и институционална тежина. Во следниот круг би биле државите што учествуваат во повеќето политики, но немаат капацитет да ја дефинираат агендата. Потоа би следувале држави со делумна интеграција. И конечно, доаѓаат земјите кандидати и поширокиот европски простор. Тоа не мора да значи дискриминација. Може да биде и прагматичен одговор на реалноста. Но политичкиот ризик е очигледен. Европа може да добие заеднички институции, но различни степени на реална моќ. А тогаш зборот „еднаквост“ ќе остане точен правно, но сè помалку точен политички.
– НАТО сѐ уште не се дели на два сојуза, но се дели на две функции. Засега нема формално „НАТО прва лига“ и „НАТО втора лига“. Но може да се појави поделба на функции. Во едниот круг се оние што креираат стратегија. Во другиот се оние што ја имплементираат стратегијата. Едните ги поставуваат целите за вооружување. Другите ги исполнуваат. Едните одлучуваат кои способности ѝ се потребни на Алијансата. Другите набавуваат според зададените стандарди. Едните произведуваат технологија. Другите купуваат. Едните имаат доволно политичка и економска тежина да влијаат врз тоа што НАТО ќе биде во 2030 или 2035 година. Другите главно се прашуваат што ќе значи таа трансформација за нив. Тоа е разликата меѓу членство и моќ. Н.М.


Главното прашање за следната деценија

Состанокот во Полска не треба да се чита само како дипломатска навреда кон Франција, Британија или кон Балтикот. Тоа би било премногу површно. Вистинското прашање е многу поголемо и тоа е „дали НАТО влегува во ера во која формалниот сојуз ќе остане еден, но стратешкото НАТО ќе функционира во неколку концентрични круга?“
Според наши соговорници, има и уште едно прашање, кое паралелно се движи со оваа тенденција за трансформација на НАТО, а тоа е трансформацијата и реструктурирањето на ЕУ. Имено, дали ЕУ и НАТО ќе го следат истиот модел? Дали тоа симултано ќе тече? Дали тоа е усогласено и координирано или е плод на новите политики на Вашингтон?
– На пример, сè што гледаме во европската одбрана упатува кон зголемено користење „коалиции на способности“, заеднички проекти и флексибилни формати. Европскиот совет токму тоа го турка напред. Европската интеграција, пак, одамна знае за диференцираната интеграција и за Европа во повеќе брзини. Значи, можеби идната Европа нема да биде пирамида. Ќе биде систем на концентрични кругови. А во центарот нема да бидат нужно само оние што се најголеми. Ќе бидат оние што се најспособни да одлучат, да платат, да произведат и да дејствуваат – велат соговорниците, додавајќи дека „може да се има 32 членки во НАТО, а да имаме пет-шест центри што суштински ја дефинираат воената иднина“. Или слично на тоа, „може да се има 27 држави во ЕУ, а да се имаат различни степени на интеграција, различни коалиции и различни нивоа на капацитет“. Идната Европа веројатно нема да се дели на членки и нечленки. Ќе се дели на оние што можат да креираат моќ и оние што можат главно да ја следат. Токму затоа за земјите како Македонија идното прашање не треба да биде само: „Како да останеме внатре?“, туку „Како да бидеме релевантни кога правилата за влијание се менуваат?“ Зашто во Европа што се движи кон Европа во повеќе брзини, најголемата опасност не е да бидеш во втората лига (втора брзина). Најголемата опасност е другите да ја проектираат патеката, а ти само да возиш по неа – велат соговорниците. Н.М.


Неколку поенти за Македонија и „новото“ НАТО

Трансформацијата на НАТО како процес што почнува е исклучително значаен за нас, за да ги антиципираме новите трендови и да се позиционираме што подобро во реструктурирањето.
– Македонија е членка на НАТО. Формално, нејзиниот глас е еднаков со оној на САД, Германија или на Франција. Но во реалната политика, еднаквиот глас не значи еднаква способност да се обликува агендата. Но тоа не е македонски проблем. Тоа е структурна карактеристика на секој голем меѓународен сојуз. Прашањето е како Македонија да го изменаџира тој предизвик. Ако НАТО навистина се движи кон мрежа на потесни коалиции, односно кон „коалиции за одбранбени способности (capability coalitions)“ и неформални кругови на држави со различни нивоа на капацитет, тогаш за помалите членки најлошата стратегија би била да останат само „корисници на безбедноста“. Затоа што тогаш формалното членство останува, но политичката релевантност опаѓа. А секако дека и спротивното е можно, само треба добра антиципација и подготовка за наша реакција и се разбира работа и ефикасност да го решиме тој предизвик во наша корист. Да потенцирам дека мала држава може да стане релевантна доколку избере области во кои може да биде сериозен придонесувач, како на пример специјализирани единици, сајбер-безбедност, логистика, регионална инфраструктура, воена медицина, специјализирани технологии, обука или други способности. Во НАТО што се трансформира од „еднакви членки“ кон „мрежа на различни капацитети“, релевантноста ќе се мери со прашањето што специфично можеш да понудиш што е специјализирана партиципација и експертско ниво на истата таа, по што ќе бидеш високоценет партнер – вели нашиот соговорник, воен аналитичар и генерал на АРМ во пензија. Н.М.