Царинската управа откри голема пратка непријавени лекови во автобус кој сообраќал на релација Турција – Косово, при контрола спроведена од мобилен царински тим и тим од службата за скенирање во рамки на Секторот за контрола и истраги.
При деталниот преглед се пронајдени вкупно 16.051 парче лекови со вкупна вредност од околу 1,6 милиони денари. Станува збор за автобус во сопственост на туристичка агенција од Косово, кој бил стопиран во внатрешноста на државата.
Според информациите од Царинската управа, биле откриени 623 вијали „Пролутекс“ (Prolutex) (за хормонска терапија и поддршка на бременост), околу 15.000 таблети „Jardiance“ (за лекување дијабет), како и 428 раствори за инјекции што се користат при магнетна резонанца – 61 вијала „Кларисан“ (Clariscan), 355 вијали „Гадовист“ (Gadovist) и 12 вијали „Генбурто“ (Genburto).
Дел од лековите, вкупно 428 вијали, биле пронајдени при првичната контрола, скриени во црна најлонска ќеса зад седиштата. По ова, автобусот бил спроведен на царински терминал за подетална проверка, при што во фабричките шуплини на вентилацијата биле откриени и преостанатите 15.623 парчиња лекови.
Од Одделението за истраги информираат дека против две лица е поднесена кривична пријава за кривично дело криумчарење, додека целата количина лекови е трајно одземена.
































