Градилиште на нуклеарната централа Пенли за изградба на реактори од типот ЕПР2 / Фото: ЕПА

Новинарска опсервација

Некои клучни показатели за тоа дека енергетската криза ги враќа нуклеарната енергија и јагленот во центарот на светската сцена

  • Зелената агенда се судри со индустриската реалност. И повеќе од очигледно е дека базните енергетски извори повторно стануваат столб на економскиот развој
  • Зелената енергија останува клучна за иднината, но не може сама да го носи товарот на современата економија. Нуклеарната енергија, јагленот и хидроенергијата повторно се наметнуваат како неопходни столбови на стабилноста. Прашањето не е дали светот ќе се врати на нив, туку колку брзо и во кој обем ќе се случи тоа. Во ерата на несигурност, прагматизмот повторно ја победува идеологијата, која досега, со неолибералната глобално наметната доктрина, го доведува светот на работ на бездната

Енергетската криза што ја потресе светската економија во изминатите години не само што ги разоткри слабостите на глобалните синџири на снабдување туку и отвори суштинска дилема: Дали зелената транзиција може да го следи темпото на растечките потреби за енергија? Сè повеќе земји, и во Европа и во Азија, даваат јасен одговор – враќање кон сигурните, базни извори на енергија како јагленот, нуклеарната и хидроенергијата.

Енергетската сигурност пред еколошките амбиции

Во услови на геополитички тензии, војни и нестабилни пазари на течен природен гас (ЛНГ), државите се принудени да ја преиспитаат својата енергетска стратегија. Зелената енергија – иако неопходна на долг рок – се покажува како недоволно стабилна за да обезбеди континуирано снабдување за индустриите и економиите што брзо растат. Соларната и ветерната енергија зависат од временски услови, додека складирањето електрична енергија сè уште е технолошки и финансиски ограничено. Тоа ја отвора вратата за повторна афирмација на базните извори – оние што можат да произведуваат енергија 24 часа на ден, стабилно и без прекин, што е од исклучително значење за некои носечки стопански гранки.

Европа се враќа кон нуклеарките и јагленот

И покрај долгогодишните политики за декарбонизација, неколку европски земји повторно ги активираат своите капацитети на јаглен и ја продолжуваат или обновуваат нуклеарната програма. Причината е едноставна, а тоа е дека сигурноста на снабдувањето стана поважна од идеолошките цели на либералниот концепт и доктрина на протекционизам за „зелен развој“. Германија, која долго време беше симбол на зелената транзиција, беше принудена да ги врати термоцентралите на јаглен и полека да активира и целосно згаснати нуклеарки. Франција, пак, дополнително инвестира во нуклеарната енергија како стратешки ресурс. Полска и Италија исто така ја засилуваат улогата на традиционалните извори во своите енергетски миксови. Има и други примери на земји во Европа што се грижат за својот енергетски суверенизам.

Азија: Прагматизам пред идеологија

Во Азија, каде што економскиот раст е најдинамичен, реалноста е уште поочигледна. Индија, со огромни домашни резерви од јаглен, веќе донесе одлука за максимално искористување на овој ресурс, барајќи од термоцентралите да работат со полн капацитет. Кина, пак, комбинира стратегија на диверзификација. Таа масовно инвестира во обновливи извори, но истовремено ја задржува употребата на јаглен, како и снабдувањето со гас преку стабилни гасоводи. Овој пристап ѝ овозможува да избегне сериозни енергетски шокови. Од друга страна, економии како Тајван, кои прерано се откажаа од јагленот и нуклеарната енергија, сега се соочуваат со високи трошоци и ограничени опции.

Сиромашните земји се најголеми жртви на енергетската транзиција

Долги години течниот природен гас се сметаше за мост меѓу фосилните горива и зелената енергија. Но двете последователни кризи, имено војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, го разнишаа и овој концепт. Нестабилноста на цените и снабдувањето покажа дека ЛНГ не е сигурна алтернатива, особено за земјите што зависат од увоз. За многу држави ова значи повторно насочување кон домашни и постабилни извори на енергија. Додека богатите земји можат да се натпреваруваат на глобалниот пазар за енергија, сиромашните економии се соочуваат со сериозни последици. Пакистан, Бангладеш, Виетнам и Филипините се меѓу најпогодените, бидејќи немаат финансиски капацитет да обезбедат стабилни извори на енергија во услови на глобална конкуренција. За нив, враќањето на јагленот не е избор, туку нужност.

Енергетска иднина: Рамнотежа, а не исклучивост

Сегашната криза јасно покажува дека енергетската транзиција не може да биде базирана на исклучување, туку на балансирање. Зелената енергија останува клучна за иднината, но не може сама да го носи товарот на современата економија. Нуклеарната енергија, јагленот и хидроенергијата повторно се наметнуваат како неопходни столбови на стабилноста. Прашањето не е дали светот ќе се врати на нив, туку колку брзо и во кој обем ќе се случи тоа. Во ерата на несигурност, прагматизмот повторно ја победува идеологијата. И тоа онаа неолибералната, која се покажа дека ги направи најголемите доктринарни промашувања и донесе тежок дисбаланс и нерамноправности на политички, економски, финансиски, безбедносни и, секако, енергетски план. Е.Р.