Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека новиот закон за високо образование ќе биде финализиран и од понеделник ќе влезе во владина процедура, при што ќе бидат земени предвид сите конструктивни и аргументирани забелешки доставени од јавноста и академската заедница. Таа потенцира дека дел од забелешките веќе биле прифатени во текот на подготовката на законот, а дополнителни измени ќе бидат можни до неговото финално затворање, пренесе МИА.
-Во понеделник законот ќе биде затворен и ќе биде даден во владина постапка. До понеделник сѐ што е сериозен приговор и сѐ што е стигнато веќе ќе се разгледа. Во изминатиот период од академската заедница увидоа дека многу од забелешките кои ги дадоа се прифатени. За некои од нив јас лично не се согласував, но комисијата одлучи дека треба и ние ги прифативме. Доколку до понеделник има разумно образложени било какви забелешки, до понеделник вечер ќе може да се направи некоја дополнителна измена – рече министерката, одговарајќи на новинарско прашање при увид во градежни активности во Општина Илинден.
Јаневска нагласи дека целта на законот е воведување ред во високото образование и отстранување на нерегуларностите кои, според неа, биле присутни во изминатиот период. Таа посочи дека Министерството веќе затворило 14, како што ги нарече, „таканаречени“ приватни институти, наведувајќи конкретен пример каде што институт бил регистриран во обложувалница и функционирал во несоодветни услови.
-Ќе ве потсетам дека ние во изминатиот период затворивме таканаречени 14 приватни институти. Зошто таканаречени? Најбруталниот пример беше кога комисијата од МОН отиде да направи увид на еден институт. Тој беше регистриран во кладилница, во задната просторија на обложувалница, каде што институтот требаше да ги обавува своите функции на две столчиња и два душека и тој беше веднаш затворен, а вработени беа двајца луѓе и беше прекршен законот инаку не ќе можевме да го затвориме. Значи, тоа е најбруталниот пример кој ви го кажувам. Има и полесни примери, но ние водиме 34 високообразовни институти, установи во земјава, и вакви работи се апсолутно недозволиви, затоа што под називот приватен институт де факто се обавуваат други функции, како што еве примерот со обложувалницата – рече Јаневска.
Министерката истакна дека новите критериуми не се произволни, туку се базирани на анализа на законски решенија од европски и други земји, со цел да се подигне квалитетот на високото образование и научната дејност. Според неа, институциите што работат професионално немаат причина за загриженост, иако призна дека одредени услови, како обезбедување на најмалку 10 доктори на науки, може да бидат предизвик.
-Не се критериумите нешто што министерот, работната група арбитрарно ги измисли. Ние направивме сериозна анализа на многу закони во Европа и надвор од Европа и заклучивме дека ова се мерки кои ќе се значајни и потребни за да се подигне квалитетот на високообразовната, но и научната дејност во земјата. Да, можно е да е тешко да се обезбедат 10 доктори на науки, но со оглед дека продукцијата на доктори на науки пак беше висока, им препорачувам да си најдат од тие што чесно ги завршиле тие студии да си вработат луѓе, наместо да ги злоупотребуваат. Денес ги примаат десет, поминува институционалната акредитација и пет ги отпуштаат од истиот факултет. Тоа исто така не е во ред и за тоа сме свесни – изјави таа.
Таа додаде дека законот ќе донесе унифицирани критериуми за целата академска заедница, што ќе овозможи еднакви услови за институциите како УКИМ, УГД и ДУТ, со што ќе се олесни и мобилноста на професорите и научниот кадар.
Јаневска посочи дека во почетниот период по стапување во сила на законот, институциите ќе можат да ангажираат кадар кој ги исполнува условите и дополнително да го зајакнат својот наставен и научен потенцијал.
-Оти кадар се создава со сериозна работа, а не преку купени дипломи. И мислам дека ме разбравте дека тоа е неопходно на земјата – рече министерката.
Според неа, еден од условите ќе биде и обврската секој кандидат за докторска титула да има најмалку два објавени научни труда, а доколку претходно магистрирал, да има и дополнителен објавен труд.
-Значи, за да објави, за да ја одбрани докторски, докторски труд, треба да има најмалку два објавени труда и ако магистрирал претходно, а требал да магистрира и во тој период треба да има одбранет еден труд. Тоа се три труда и тие веќе ги исполнуваат условите – истакна министерката.
































