- Ракометот, како спорт со длабока традиција во Македонија, има посебно место во срцата на нашите граѓани и претставува значаен дел од нашиот спортски идентитет, вели претседателката на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, Елена Мицковска
Главниот град на Македонија, Скопје, за првпат ќе биде домаќин на едно од најзначајните младински спортски натпреварувања, Светското училишно првенство во ракомет во 2026 година, кое ќе се одржи од 21 до 29 април, во организација на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, а под покровителство на Министерството за спорт. Со овој престижен настан, главниот град ќе стане центар на светскиот младински ракомет, обединувајќи млади спортисти од повеќе земји, со цел промоција на спортските вредности, ферплејот и меѓународното пријателство, информира Федерацијата за училиштен спорт на Македонија (ФУСМ).
– Горди сме што Македонија ќе биде организатор на ова престижно првенство. Ракометот, како спорт со длабока традиција во Македонија, има посебно место во срцата на нашите граѓани и претставува значаен дел од нашиот спортски идентитет. Би сакала да упатам искрена благодарност до Министерството за спорт на Македонија за поддршката и до Светската федерација за училиштен спорт за укажаната доверба. Македонија нема да биде само домаќин на спортско натпреварување туку домаќин на младоста, енергијата и иднината на светот. На едно место се обединети млади спортисти од целиот свет, со различни јазици, култури и традиции, но со една заедничка вредност – љубовта кон спортот – изјави претседателката на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, Елена Мицковска.
Свеченото отворање на првенството ќе се одржи на 21 април со почеток во 19.30 часот на плоштадот „Македонија“, каде што ќе бидат организирани богата културно-уметничка програма и дефиле на сите учесници и претставување на репрезентациите. Овој настан ќе го означи официјалниот старт на шампионатот, кој ќе донесе голема спортска атмосфера во главниот град. На првенството ќе учествуваат вкупно 23 машки и 16 женски екипи, односно 21 делегација од различни земји од светот, кои ќе се натпреваруваат во следниве шест спортски сали во Скопје (СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“), додека финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“, кога ќе се одржи и свеченото затворање на СП.
Во рамките на првенството, на 25 април ќе се одржи „Културен ден“, посветен на културна размена, каде што учесниците ќе имаат можност да се запознаат со македонското културно и историско наследство. Истата вечер ќе се реализира и „Ноќ на народите“, настан на кој делегациите ќе ги претстават своите земји преку традицијата, музиката и гастрономијата, поттикнувајќи пријателство и меѓусебно разбирање, велат од ФУСМ. Г.И.
































