Случувањата на Блискиот Исток сѐ пожестоко се одразуваат врз глобалните економски текови
- Пораката од глобалните економски лидери е јасна. Државите мора да бидат прагматични. Потребна е комбинација од сите достапни извори за да се обезбеди евтина енергија како темел за раст. Во спротивно, прогнозата за „остар и длабок пад“ би можела да стане реалност. Но пораката од некои наши енергетски експерти, поранешни универзитетски професори, исто така е јасна. Имено, евентуален тригодишен или четиригодишен период на екстремно скапа нафта ќе го забрза преминот кон обновливи извори. Кога нафтата станува прескапа, тогаш нуклеарките, особено малите модуларни, па потоа водните ресурси за енергија, вклучувајќи ги и базните енергетски ресурси, кои се стабилни за индустријата, но и помалку стабилните, како што се соларните и ветерните електроцентрали, веќе стануваат приоритет, алтернатива и неопходност, ни изјавуваат наши енергетски експерти, поранешни универзитетски професори, додавајќи дека треба да му пристапиме со оптимизам на нашиот македонски проблем за енергетски суверенитет
Додека геополитичкиот фитил на Блискиот Исток продолжува да тлее, светските пазари со страв гледаат движење на цената кон еден единствен, според нив, „фатален“ број: 150! Тоа е цената во долари за барел нафта, како психолошка и економска граница веќе не е само песимистичко предвидување туку сериозно предупредување на врвни светски економисти.
Берзите во слободен пад: Пет недели неизвесност
Реакцијата на финансиските центри веќе е видлива. Светските берзи бележат континуиран пад веќе петта недела по ред. Индексот дау џонс се намали за 0,9 отсто, додека технолошките гиганти на насдак и поширокиот ес енд пи 500 бележат уште подрастични загуби. Инвеститорите, во паника од ескалација, масовно се повлекуваат од поризични средства.
Економските аналитичари посочуваат дека најголемиот страв не е само физичкиот недостиг од нафта туку блокадата на клучните поморски патишта. Ормускиот Теснец, преку кој поминува една петтина од светската нафта, останува критичната точка. Секој застој во овој регион директно ги пумпа цените нагоре, создавајќи инфлациски притисок, кој централните банки тешко можат да го контролираат.
Стапицата на каматните стапки
Додека граѓаните се надеваа на олеснување на монетарната политика, новата енергетска криза ги урна тие илузии. Федералните резерви на САД (ФЕД), соочени со потенцијален нов бран на инфлација предизвикан од нафтата, најверојатно ќе ги задржат каматните стапки високи.
– Високите цени на енергентите значат дека борбата против инфлацијата не е завршена. Тоа значи скапи пари на подолг рок, што дополнително го задушува економскиот раст – велат експертите од Волстрит.
Европа меѓу стравот и отпорноста
На европскиот континент, сликата е поделена. Додека Лондон и Париз покажуваат одредена отпорност со благ раст, германскиот ди-еј-екс во Франкфурт – моторот на европската индустрија – останува во црвената зона. Зависноста на Европа од увозна енергија ја прави исклучително ранлива на секој потрес од Блискиот Исток.
Алтернативни извори на енергија
Сепак, интересно е да се спомене и мислењето на некои наши енергетичари, кои сега пак предвидуваат и една неочекувана последица од кризата.
– Евентуален тригодишен или четиригодишен период на екстремно скапа нафта ќе го забрза преминот кон обновливи извори. Кога нафтата станува прескапа, тогаш нуклеарките, особено малите модуларни, па потоа водните ресурси за енергија, вклучувајќи ги и базните енергетски ресурси, кои се стабилни за индустријата, но и помалку стабилните, како што се соларните и ветерните електроцентрали, веќе стануваат приоритет, алтернатива и неопходност – ни изјавуваат наши енергетски експерти, поранешни универзитетски професори, додавајќи дека треба да му пристапиме со оптимизам на нашиот македонски проблем за енергетски суверенитет и во рамките на националната стратегија да направиме храбри исчекори, па дури и размислувања „надвор од рамките“.
Прагматизам или рецесија?
Пораката од глобалните економски лидери е јасна: државите мора да бидат прагматични. Потребна е комбинација од сите достапни извори за да се обезбеди евтина енергија како темел за раст. Во спротивно, прогнозата за „остар и длабок пад“ би можела да стане реалност што ќе ја обележи претстојната деценија. Светот веќе не стравува само од војна туку од економскиот дебакл што таа го носи со себе.
Економисти: Високите цени на нафтата ја убиваат економијата
И изјавите на водечките светски економисти ги потврдуваат ризиците од „стагфлацијата“ (висока инфлација со низок раст) и влијанието врз каматните стапки.
Гита Гопинат, поранешна главна економистка на ММФ и една од највлијателните фигури во глобалната економија, предупредува дека шокот од нафтата не е само прашање на цена туку и на системски притисок.
– Скокот на цените на нафтата би можел да ја зголеми глобалната инфлација за околу 60 базни поени и да го намали глобалниот раст во 2026 година. Ако нафтата во просек биде околу 85 долари, тоа веќе крати од растот, а со сценариото од 150 долари, ефектите би биле драматични – предупредува Гопинат.
Гас Фошер, главен економист во „ПНЦ фајнаншнл сервисес груп“, е многу поконкретен во однос на веројатноста за економски колапс.
– Ако цената на нафтата се искачи на 150 долари по барел, шансите за рецесија во светот и во САД би надминале 50 отсто. Повисоката инфлација ќе ја згмечи економската активност и ќе видиме многу помал раст од претходно предвидениот – оценува Фошер.
Шан Раитата, виш економист во „Вангард“, го анализира влијанието на повисоките цени на енергентите врз Европа, која е особено ранлива на вакви ценовни осцилации.
– Наглото покачување на цените на енергентите носи ризик од стагфлациски шок за европската економија. Нафта од 125 долари и гас од 150 евра за мегават-час би можеле да ја турнат Европа во рецесија уште пред крајот на годината – посочува Раитата.
Она што е заедничко за сите овие економисти е ставот дека нафтата е „подмолен данок“. За разлика од другите поскапувања, нафтата влијае на сè – од превозот на леб до производството на пластика. Кога барелот е 150 долари, централните банки се „заглавени“: мораат да ги држат каматните стапки високи за да ја запрат инфлацијата, но тие исти високи камати дополнително ја убиваат економијата. С.Т.
Европа на штрек: Се бара штит од нови ценовни потреси
Ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток ја принуди Европската Унија повторно да ја преиспита својата енергетска стабилност.
Поради стравот од нов ценовен шок, европските министри за енергетика денеска на итен онлајн состанок ќе ја скенираат состојбата на пазарот.
Иако Советот на ЕУ најавува дека средбата е повеќе за координација и споделување информации отколку за конкретни мерки, самиот чин на свикување вонредни консултации јасно укажува на високиот степен на тревога во Брисел околу сигурноста на енергетските текови. С.Т.

































