Фото: Принтскрин

Политизација на детството и злоупотреба на јавниот сервис, Македонската радио-телевизија (МРТ)

  • Контроверзното емитување песна со иредентистички симболи на Македонската радио-телевизија (МРТ) отвора длабоки прашања за одговорност, и тоа поради (против)уставност, (против)законитост и меѓународни импликации со големи потенцијални штетни последици, но наедно отвора и прашање од морален и етички карактер. Сепак, деца беа инструментализирани…

Македонската радио-телевизија (МРТ) завчера претпладне, околу 11 часот, на својот втор канал, во рамките на детски фестивал, емитуваше песна насловена „Trojet shqiptare“ („Албански територии“). Имено, тринаесетгодишното девојче, облечено во маица со апликација со мапа на „голема Албанија“, пееше стихови за отворени територијални претензии кон македонската држава. Со стиховите „Летај, летај, Албанијо, летај, знамето наше се издигнува над земјата“ и „Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно, зашто сме еден народ, еден сон, една цел“, детето ја пренесуваше јасната порака за обединување на албанските територии, што директно вклучува делови од Република Македонија, Србија, Грција и од Црна Гора. И ова не е прв настан со ваков карактер. „Нова Македонија“, со информации, анализи и фотографии, повеќе години информира за злоупотребата на малолетници во политички цели, како што беше приредбата во училиште во Струга и во други основни училишта во западниот дел на Македонија, каде што деца во униформи на УЧК и со оружје во рака во вид на играчки изведуваа претстави на отворена сцена.

Детска сцена со агенда креирана од „возрасни“

Последниов настан што се случи на јавниот сервис отвора сериозни дилеми за границата меѓу културното изразување и политичката инструментализација, особено кога станува збор за малолетници. Нашиот јавен сервис, финансиран од граѓаните, има обврска да биде пример, внимателен филтер, а не да се претвори во платформа за содржини што можат да се протолкуваат како непримерни, во случајов со политички содржини, етнички и територијално чувствителни, а веројатно и законски казниви.
– Кога дете изведува песна со пораки што може да се толкуваат како повик за национално обединување со географски импликации, менување државни граници, територијални претензии, сецесионизам, иредентизам и со елементи на шовинизам, прашањето воопшто не е уметничко, туку институционално. Па кој таму најпрвин ја организирал содржината, кој ја одобрил, со каква намера е презентирана и дали биле земени предвид пошироките последици? – се прашуваат нашите соговорници, експерти за медиуми и медиумска комуникација.

Одговорноста на јавниот сервис

Македонската радио-телевизија како јавен сервис има законска и етичка должност да ги почитува уставните принципи и да придонесува за општествена кохезија. Во унитарна држава како нашата и во мултиетничко општество како Македонија оваа улога е уште почувствителна.
– Емитувањето содржини што можат да се протолкуваат како промовирање етнички ексклузивизам или големодржавни идеи, надвор од секаков детски образовен образец на емисијата, создава ризик од нарушување на меѓуетничките односи, нарушување на довербата во институциите и отворање простор за политички манипулации. Ова не значи дека културниот израз треба да се цензурира, туку дека мора да се уредува со повисоко ниво на уредничка одговорност, за ваквите настани да бидат сведени на минимум или воопшто да ги нема, бидејќи имаат далекосежни и повеќеслојни штетни последици, особено за младите генерации што неминовно доаѓаат – велат нашите соговорници, експерти за медиумска комуникација.

Правна и етичка рамка

Прашањето за евентуална повреда на законите не може да се решава преку јавна осуда, туку преку институционална постапка. Но јавноста веќе реагира, вклучително и медиумите и социјалните мрежи.
– Доколку постојат сомнежи за злоупотреба на малолетници или за ширење пораки што се спротивни на уставниот поредок, тоа е надлежност на органите како Јавното обвинителство – децидни се нашите соговорници, но исто така тие додаваат дека е неопходно да се осврнеме на уште едно важно прашање поради интегралноста на пристапот за анализа, а тоа е етичкото прашање. Имено, зошто токму децата често се ставаат во функција да бидат носители на пораки со потенцијално политичка тежина?
– Во современите демократии и ова е регулирано, не зборуваме за ова од законски аспект затоа што тоа одамна им е апсолвирано и регулирано прашање, туку сега зборувам од етички и морален аспект, бидејќи на ова во развиените демократии се обрнува внимание и во рамките на воспитувањето во семејствата, а исто така и во текот на најраната возраст, при воспитно-образовниот процес, како на пример во градинките, основните училишта итн., кога од најмала возраст во карактерот на децата се вградува „сигнален механизам“ за да може да се направи разлика што е етички, а што не е, што е морално, а што е неморално… – велат соговорниците.

И за уште една надворешнополитичката димензија од немилиот настан на МРТ

Во чувствителен регионален контекст, ваквите настани лесно можат да бидат извадени од контекст и искористени од други држави за сопствени наративи, кои едвај чекаат вакви настани за да ги оправдаат своите надворешни политики. Земји како Грција, Србија и Бугарија внимателно ги следат ваквите случувања, особено во рамките на европските интеграции, особено на нашите соседи членки на ЕУ. Дури и изолиран медиумски пропуст, и тоа на нашата државна телевизија, може да биде претставен како доказ за (официјални) територијални претензии, аргумент во дипломатски спорови или, пак, како средство за политички притисок, што и ни се случува. Воопшто не треба да потсетуваме на реакциите на Атина или Софија во ЕУ, но и на владите во регионот, па и реакции директно до официјално Скопје, каде што реагираат за наводна злоупотреба на името „Македонија“, придавката „македонски“, па потоа реагираат за македонските симболи (сонцето од Кутлеш, на пример), за јазикот, за историјата итн., па и за нашите наводни територијални претензии кон околните соседни земји. Затоа, медиумската одговорност не е само внатрешно прашање, туку и дел од интегралната наша политика, која прима силни удари, и тоа однатре!

Потреба од системска реакција: „НЕ“ за ескалација, но „ДА“ за повисока медиумска одговорност

Иако реакциите можат да бидат остри, клучно е да се избегне дополнителна радикализација. Наместо тоа, потребни се транспарентно објаснување од Македонската радио-телевизија, јасни уреднички стандарди за вакви содржини, едукација за медиумска писменост или на пример институционална проверка доколку има правни, политички, морални или етички дилеми. Само преку институционален пристап може да се зачува довербата и да се избегне политичка злоупотреба на настанот. Поради сето тоа, овој случај не треба да се гледа само како изолиран инцидент, туку како сигнал за потреба од повисока медиумска одговорност. Во општество како нашето што се стреми кон европски вредности, јавниот сервис мора да биде пример за внимателно, инклузивно и одговорно информирање. Децата заслужуваат сцена за креативност, а не товар на вакви пораки. А институциите мора да ги изградиме да имаат капацитет да го обезбедат токму најдоброто за идните генерации. Н.М.


Политизација на детството како континуитет: кога изолираните инциденти стануваат загрижувачка пракса

Не е веќе изолиран случај, туку образец

Контроверзното емитување содржина на Македонската радио-телевизија не може да се третира како изолиран пропуст ако се земе предвид дека во изминатите години јавноста веќе беше сведок на слични појави. Според пишувањата и алармирањата на нашиот весник и портал, ваквите случаи имаат јасна линија на повторливост. Во сите случаи има искористување малолетници во сценарија што носат етнички и политички пораки со потенцијално чувствителна содржина. Еден од најчесто посочуваните примери е училишната приредба во Струга и околните населени места, каде што деца настапувале во униформи поврзувани со поранешни вооружени паравоени структури, изведувајќи сценски содржини со силен милитантен набој. Иако ваквите настани беа оправдувани како „културен израз“, реакциите во јавноста укажуваа на сериозна загриженост за пораките што се испраќаат. И кога ваквите појави се повторуваат во различни форми, од училишни сцени, локални настани, па сè до национален медиум, тие веќе не се инциденти, туку индикатори на поширок тренд. Овој континуитет отвора прашање дали системот или надлежните навремено ги препознаваат и адресираат ваквите појави? Затоа, реформите во правосудниот и безбедносниот систем се добредојдени во смисла на тоа дека се гради капацитет за нивна висока функционалност заради сигурност и безбедност и на граѓаните и на државата.
Пишувањата на „Нова Македонија“, без разлика дали некој се согласува целосно со нивниот тон или не, имаат една важна функција, а тоа е да укажат на појави што можат да имаат долгорочни последици ако се игнорираат. Во демократско општество, токму медиумите треба да бидат аларм, но и коректив, па дури и да учествуваат активно во решавање на проблемите на јавноста. Проблемот не треба да биде кога постојат предупредувања кон надлежните институции, туку, напротив. Заедничка мисија е заштита на граѓаните, јавноста, јавното мислење и на својата држава. Најголемата опасност не е самиот инцидент, туку неговата нормализација. Ако општеството постепено се навикнува на вакви сцени, тогаш се поместуваат границите на прифатливото. Во таков амбиент, дури и добронамерни културни активности можат да бидат перципирани како политикантски пораки што создаваат наелектризирана општествена атмосфера. Случајот со Македонската радио-телевизија е аларм, но и дел од поширока слика. Кога ќе се стави во контекст на претходни настани, станува јасно дека станува збор за тенденција што бара сериозна анализа. Треба да реагира само кога нешто ќе биде инцидент, но уште повеќе кога ќе се препознае образец. А сите ние заедно, наместо да гаснеме пожари, треба превентивно да дејствуваме за такви нешта воопшто да не се појават. Н.М.