Фото: „Просветно дело“

Научно советување на темата „Читањето во ерата на екраните – битка меѓу алгоритмите и книгата“ на Педагошкиот факултет во Скопје

По повод осум децении од излегувањето од печат на првото списание за деца на македонски јазик и првиот буквар на стандарден македонски јазик, минатата седмица во големиот амфитеатар на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје беа организирани две последователни советувања на темата „Читањето во ерата на екраните – битка меѓу алгоритмите и книгата“.
Првото советување, одржано во средата, беше наменето за воспитно-образовниот кадар во предучилишното и основното образование и за библиотекарите вработени во училишните, јавните и локалните библиотеки, за заедничко вмрежување во правец на промовирање и популаризирање на читачките навики кај најмладата популација, јавното говорење и изразување, креирање млади лидери, како и за стандардите и состојбите во областа на литературата и списанијата за деца, како клучни фактори во развивањето на љубовта кон читањето и книжевното творештво воопшто.
Во рамките на настанот, свое обраќање имаше деканката на Педагошкиот факултет од Скопје, проф. д-р Билјана Камчевска, а беше промовиран и натпреварот за раскажување од Фондацијата „Ѓорѓе Марјановиќ“. Стана збор и за употребата на вештачката интелигенција во образованието, за креативното изразување и творење кај децата, за книгите за деца, учебниците и прирачната литература, за современите стратегии за поттикнување на читањето, како и за состојбите на литературата за деца кај нас.

Еден од најистакнатите македонски просветни работници, Иле Михајловски од „Св. Кирил и Методиј“ од Свети Николе и неговата колешка Гордана Наумовска Трајковска од ОУ „Димитар Поп Ѓорѓиев Беровски“ од Скопје дадоа осврт кон осумдецениското постоење на печат за деца во Македонија, со акцент на улогата на списанијата „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ во воспитно-образовниот процес во основното образование.
На второто советување пак, одржано минатиот петок, а наменето за директорите, одделенските наставници, наставниците по Македонски јазик и литература, класните раководители, стручните работници и соработници и библиотекарите во училишните, јавните и локалните библиотеки, меѓу другото, стана збор и за современите интегрирани пристапи во користењето на прирачната литература за деца. Исто така, се посвети внимание и на дидактичките помагала во функција на развојот на говорот и раната писменост кај децата од предучилишна возраст, ликовните активности, важноста на библиотеките, како и на важноста на триаголникот дете-градинка-родител, но и на предизвиците и состојбите на современата литература за деца.
Уредничката Ксенија Маказлиева Трајчева од „Просветно дело“ информираше дека двата настана ги проследиле околу 600 заинтересирани граѓани, а сите присутни биле едногласни за важноста и потребата од списанијата за деца.

– Оваа иницијатива не застанува тука. Идејата е заеднички да иницираме национална стратегија за читање, за мотивирање на децата да се свртат кон книгата. Нашата цел е да го ставиме акцентот на книгите, прирачната литература и списанија за деца, како и кои критериуми треба да ги исполнуваат истите тие. Ние имаме наплив на нови автори за деца, но квалитетот отсуствува. Многумина се охрабруваат да пишуваат за деца мислејќи дека тоа е многу лесно и едноставно, но е сосема спротивно. Затоа ставаме акцент на квалитетот, бидејќи критериумот кај децата го создаваме ние. Затоа мора да поставиме високи критериуми во книжевното, естетското и илустративното обраќање кон децата – истакна Ксенија Маказлиева Трајчева.
Настанот беше во организација на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“–Скопје, во соработка со Сојузот на просветните работници на Република Северна Македонија, Здружението на просветни работници на град Скопје, Здружението на одделенски наставници „Учител“, Здружението на просветни работници на град Куманово, а со поддршка на „Просветно дело“ , Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и редакцијата „Детска радост“.
Инаку, првото списание за деца именувано „Пионер“ излегло од печат на 3 јануари 1945 година. Во следните години се појавиле и други списанија, како „Титовче“, „Пионерски весник“, „Титов пионер“, од 1951 „Другарче“, а потоа и „Развигор“, „Наш свет“ и „Росица“. Што се однесува на содржините за деца во дневниот печат, нашето „Колибри“ излегува од 1958 година до денес и е единствен додаток за деца во македонскиот дневен печат.

Ф.Д.


Дали сте знаеле дека…
Првата современа книга за деца на македонски јазик се вика „Македонче“ од писателот Ванчо Николески, објавена во 1946 година. Пред тоа на децата им биле прераскажувани народни приказни, а постоела и одредена преводна литература, како и дидактички материјали. Но Ванчо Николески е основоположник на македонската литература за деца, кој го отворил патот за идните македонски литературни творци за деца.