- Штандот на Националната библиотека го сочинуваа наслови од сопствената издавачка дејност, потоа дел од македонската издавачка продукција финансирана од Министерството за култура и туризам преку т.н. задолжителен примерок, како и антологии на македонски и на германски јазик
Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје се претстави на Саемот на книгата во Лајпциг, кој се одржа од 19 март до 22 март, а на кој учествуваа повеќе од 2.000 излагачи од 50 земји.
Лајпциг е еден од најзначајните културни настани во Европа, кој го става акцентот на средбата меѓу авторите и читателите. Наместо класична земја гостин, годинава фокусот на саемот беше Дунавскиот Регион, а преку него и на литературата како мост меѓу Истокот и Западот, но и на прашањата за мултикултуризмот, повеќејазичноста, миграциите, идентитетските аспекти и сл.
Штандот на Националната библиотека го сочинуваа наслови од сопствената издавачка дејност, потоа дел од актуелната македонска издавачка продукција финансирана од Министерството за култура и туризам преку т.н. задолжителен примерок, како и антологии на македонски и на германски јазик. Националната библиотека изготви и специјален каталог на македонски, англиски и на германски јазик.
– Лајпциг е важно место во културната дипломатија на Европа, простор за широк општествен дијалог. Оттука претставувањето на Македонија е од големо значење, но и голема одговорност. Задоволни сме од посетеноста и интересот за нашите изданија, за македонската литература и култура воопшто, затоа што овој саем покажува дека книгата може и треба да биде средство за поврзување во време на поделби – подвлекува директорот Јовица Никчевски, кој го предводеше тимот на НУБ.
Националната библиотека на Македонија, на Саемот на Лајпциг учествува по вторпат, и тоа како дел од европската мрежа за литература ТРАДУКИ, која книгите и авторите од Југоисточна Европа ги преведува и претставува на германското јазично подрачје. Претставувањето е поддржано од Министерството за култура и туризам.
Штандот во Лајпциг го посети и македонскиот амбасадор во Германија, д-р Имер Села, кој заедно со Никчевски присуствуваше и на отворањето на програмата на ТРАДУКИ. Тимот на НУБ се сретна и со познатата македонска писателка Фросина Пармаковска, чиј роман „Одбројување“ преведен на германски јазик беше промовиран токму на саемот.
Лајпциг уште еднаш потсети дека литературата е културен мост, политички глас и повик за дебата, на што алудираше и познатиот писател Миљенко Јерговиќ, добитник на наградата за европско разбирање. Тој во својот говор на отворањето на саемот истакна дека силата на Европа лежи во различностите, јазиците и раскажаните искуства.
По завршувањето на Саемот во Лајпциг, тимот на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје отпатува во Загреб, во посета на македонскиот културно-информативен центар. По врачената донација од книги за КИЦ, со директорката Мими Ѓоргоска-Илиевска беше разговарано за заедничка изложба во Хрватска, која треба да биде реализирана следната година.
Делегацијата на НУБ ја посети и Националната и универзитетска библиотека во Загреб, каде што со директорката Иванка Стричевиќ и нејзиниот тим разменија искуства и добри практики од работењето на националните библиотеки, како и неколку конкретни аспекти за понатамошна соработка.
































