Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека безбедносната состојба во земјата е стабилна, откако беше прашан за влијанието на случувањата на Блискиот Исток.
– Безбедносната состојба е стабилна, без одредени осцилации, апсолутно ја имаме под контрола. Предизвици има и ќе има, тоа е жива и динамична материја, но ние сме тука да ја следиме и да реагираме доколку има потреба – рече Мицкоски.
Премиерот денеска присуствуваше во касарната Страшо Пинџур во скопски Петровец, каде беа претставени 17 нови лесни оклопни возила „страјкер“ (Stryker), набавени од Соединетите Американски Држави.
На презентацијата присуствуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-шефот на Мисијата на Амбасадата на САД Никол Варнс, како и командантите на Командата за операции и првата пешадиска бригада.
































