ШТО ЗНАЧИ ПОВИКОТ ОД КОНГРЕСОТ НА САД ЗА „ПРОМЕНА НА РЕЖИМОТ“ ВО АМЕРИКА: ПОЛИТИЧКА РЕТОРИКА ИЛИ ОПАСЕН ПРЕСЕДАН?
- Изјавата на лидерот на пратеничката група на втората најголема партија во Конгресот на САД, пратеникот Хаким Џефрис, дека „на САД им е потребна промена на режимот“, доаѓа во веќе тамошна силно поларизирана политичка клима. Не само во институциите туку и надвор од нив. Ваквиот несекојдневен повик е насочен кон претседателот на САД, Доналд Трамп, и кон (дел од) Републиканската партија, кои конгресменот ги обвинува за „непромислена војна и економски последици“. Критиката му е жестока, проследена со повик до јавноста, па поради таквиот однос, повеќе аналитичари со вчудовидување од ваквиот преседан се прашуваат јавно „дали ова е буквален повик за рушење на власта или дел од вообичаена американска политичка реторика“?! Што навистина значи пораката на Хаким Џефрис и каде завршува политичката критика, а започнува радикализацијата на дискурсот, бидејќи „контекстот на исклучително остриот речник“ доаѓа во време на „најдлабока поларизација во самите Соединети Американски Држави“
Терминот промена на режим (во оригинал употребен „regime change“ во Конгресот на САД) во меѓународната политика најчесто означува „насилно или надворешно наметнато соборување власт“. За колепката на демократијата, Соединетите Американски Држави, ова претставуваше уште еден во низата политички шокови во јавноста, кои и американските граѓани, како и тамошните политичари и експерти, ги протолкуваа различно. Но на сите им беше заедничка изненаденоста од настапот на лидерот на пратеничката група на демократите Хаким Џефрис.
„Промена на режим“ е термин со двојно значење
Во американски внатрешнополитички контекст, мора да се има предвид дека тој термин се користи и метафорично.
– Во конкретниот случај, иако звучи доста екстремно, најверојатното толкување е дека пратеникот Џефрис повикува на изборна промена на власта (победа на демократите на избори), односно политичка смена на курсот, а не институционален или насилен преврат. Американскиот политички дискурс одамна користи засилени формулации, како што се „борба“, „да си ја вратиме назад државата“, „смена на режимот“ итн., без тие нужно да значат буквална акција надвор од демократските процедури – вели наш соговорник, поранешен амбасадор во една земја во Јужна Америка.
Кои се луѓето што се етикетирани како „републикански екстремисти“?
Кога Џефрис зборува за „екстремисти“, тоа е дел од остра агресивна партиска реторика насочена кон, како што ги класифицира „тврдокорни конзервативни фракции“, потоа кон „политичари блиски до Трамповото порадикално крило на партијата“ и кон „групи што поддржуваат порадикални политики“ (во надворешна политика, имиграција, изборни правила).
– За издвојување е дека постојат примери и дека во американската политика ваквото етикетирање е – реципрочно. И републиканците често користат слична реторика насочена кон демократите („radical left“), што се гледа и во реакцијата на Трамп – вели нашиот соговорник, обидувајќи се да ја спушти наелектризираноста во текот на брифингот, заради поводот на разговорот, велејќи дека „не е тоа повик за насилен преврат“…
Дали навистина не станува збор дека некој може изјавата да ја протолкува како „повик на бунт“?
И покрај тежината на зборовите, нема сериозни индикации дека Џефрис повикува на насилство, предлага уривање на институциите или на неуставна промена на власта.
Како конгресмен и лидер на парламентарна група, неговиот политички интерес и дејствување се врзани за изборниот процес, законодавната борба, јавната мобилизација на гласачи. Во тој контекст, „промена на режим“ најверојатно значи демократска смена на власта преку избори, а не револуционерно сценарио.
За помладите демократии ваквиот речник е проблематичен, но дали е и за САД?
Иако не мора да значи повик на бунт, ваквата реторика носи ризици, ја нормализира екстремната политичка комуникација, го продлабочува јазот меѓу партиите, може да биде погрешно интерпретирана од јавноста или радикални групи.
– Во контекст на настаните од 6 јануари при упадот во Капитол, секој јазик што асоцира на „соборување власт“ има дополнителна тежина и чувствителност.
Политиката на ескалација е двонасочна улица, со акција и реакција. Реакцијата на Трамп, кој наведувајќи безброј примери ја нарече Демократската партија „најголем непријател на Америка“, покажува дека политичката комуникација во САД функционира како ескалациски циклус, едната страна користи остар јазик, другата возвраќа со уште поостар, јавниот простор се радикализира – вели нашиот соговорник дипломат.
Изборот на зборови не е без последици
Изјавата на Џефрис повеќе ѝ припаѓа на политичка хипербола отколку на реален повик за рушење на системот. Сепак, изборот на зборови не е без последици. Во време на висока поларизација, дури и метафорите може да имаат реални политички ефекти.
„Промена на режимот“ во овој контекст значи, со голема веројатност, промена на власта преку избори, но начинот на кој е формулирана пораката отвора простор за загриженост, интерпретации и дополнителни тензии во американското општество. Особено кога е слушната од ушите на обичниот човек на Балканот. С.Т.
































